Европската централна банка ја отфрли можноста за отпишување на долговите

Европската централна банка ја отфрли можноста за отпишување на долговите на државите, идеја што ја предложија некои економисти со цел државите подобро да се справат со последиците од пандемијата на коронавирусот.

„Слушам дебата во Франција за отпишување на долговите од страна на централната банка, но тоа не е опција за ЕЦБ“, рече членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Фабио Панета во интервју за Мондо.

„Покрај законските ограничувања со кои се забрануваат ваквите практики, граѓаните би ризикувале да ја изгубат довербата во валутата и би дошло до „финансиски нарушувања“”, објаснува Панета.

Панета не сака да се повтори искуството со Германија од 20-тите години на минатиот век, период на хиперинфлација, кога граѓаните со колички пренесувале пари кои ја изгубиле својата вредност.

„Тоа не е начин да се создаде просперитет и затоа договорите забрануваат монетарно финансирање“, додаде тој.

Во моментот кога државите од Еврозоната мораа масовно да се задолжуваат поради рецесијата предизвикана од пандемијата од корона вирусот, ЕЦБ ја зголеми програмата за помош за 600 милијарди евра за откуп на државни и приватни обврзници.

Извор:Банкарство.мк