Опасната британска мутација се шири во Македонија – надлежните не размислуваат за заострување на рестриктивните мерки

Опасната британска мутација на Ковид 19 се шири во Македонија, а надлежните не размислуваат за заострување на рестриктивните мерки. Наместо да се следи примерот на западно европските земји каде масовно се затвораат границите, за влез во земјава не е потребен ниту негативен ПЦР тест. Надлежните децидни – мерките давеле резултат.

„Многу земји ги затворија границите, односно ги откажаа летовите со Велика Британија, па и во тие земји се појави британскиот сој, што пможе да е знак дека го има во цела Европа. И дека воопшто не е проблем патувањето, летовите, туку локалната трансмисија на мутација на вирус која што може да се јави секаде. А мутација на РНК вирусот не е ретка појава, често се јавува, секогаш кога вирусот ќе најде некоја пречка во смисла на превентивни мерки, може да мутира со цел и понатаму да се пренесува. За сега овие мерки мислам дека се сосем доволни“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Минатиот викенд повеќе од триста македонски граѓани заминале на еднодневен шопинг во Врање, а исти такви понуди туристичките агенции нудат и за следните викенди. Слободното движење помеѓу Македонија и Србија ги наполни и ски центрите кај северниот сосед. Во неможност да се посетат ски терените во Италија, македонците масовно одат на скијање на Копаоник. А токму ски центрите во Италија беа критичната зона каде се рашири корона вирусот на стартот од пандемијата пред една година.

Во меѓувреме, новиот британски сој, кој според епидемиолозите е за 70 отсто повеќе заразен, ги стави во повторен карантин жителите на западно европските земји. Полициски час прва воведе Велика Британија поради зголемениот број на новозаразени пациенти кај кои беше дијагностицирана новата ковид мутација.

И германската канцеларка Меркел побара драстични мерки во Германија каде се уште на сила е полицискиот час во неколку покраини.

Норвешката влада забрани влез во земјата на сите патници кои не се државјани на Норвешка. И Чешка одлучи да воведе забрана за влез во државата за странци. Франција, пак ги затвора границите за патници кои не се дел од ЕУ.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста