Европа се затвора пред налетот на короната

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, ја прогласи новата блокада за 56 милиони жители на Англија за борба против брзото ширење на коронавирусот.

Како дел од мерките, кои треба да траат до средината на февруари, основните и средните училишта се затвораат од утре. На луѓето ќе им биде дозволено да ги напуштат своите домови само за да ги  купуваат  неопходните намирници и лекарства или да одат на работа, доколку тоа не можат да го прават од дома..  Студентите на универзитетите нема да вратат на настава со физичко присуство до средината на следниот месец.

Според Џонсон, Велика Британија е во „критичен момент“, со рапиден пораст на бројот на ново заразени. И престојат тешки недели на Велика Британија вели британскиот премиер.

„Неколку недели пред нас ќе бидат најтешки досега, но навистина верувам дека влегуваме во последната фаза од борбата“ вели Борис Џонсон.

„Додека вечерва ви зборувам, нашите болници се под голем притисок од Ковид, поголем од кога било од почетокот на пандемијата. Затоа мора да одиме во национална блокада, што е доволно тешка за да ја содржи оваа варијанта. Тоа значи дека владата уште еднаш ве упатува да останете дома“, додаде тој.

И Шкотска од полноќ воведе целосен „лок даун“. Строгата блокада која ја воведоа властите се очекува да трае до крајот на јануари.

Сите продавници и услужни дејности се затвораат, освен неопходните.

„Повеќе сум загрижена за ситуацијата со која се соочуваме сега отколку што сум била во кое било време од март минатата година“, вели шкотската премиерка.

Германската канцеларка Ангела Меркел и лидерите на германските сојузни држави денеска ќе разговараат за можно продолжување на мерките против ковид-19 по 10 јануари. Германската влада и 16-те сојузни држави, како што пренесува весникот Билд, се согласиле да го продолжат заклучувањето до 31 јануари за да се спречи ширењето на пандемијата на коронавирусот.

Кај земјите од регионот,Грција доби зелено светло од епидемиолозите за олеснување на рестрикциите. Од понеделник, кај јужниот сосед ќе се отворат основните училишта и градинките,  но ќе бидат преземени и дополнителни превентивни мерки за заштита од Ковид-19. Средношколците, засега ќе продолжат од петок со онлајн настава а во следниот период ќе се разгледа можноста и тие да се вратат во училишните клупи, додека пак во текот на неделава ќе се соопшти намалување на материјалот за државниот испит за матурантите.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста