Европа ја одбележа 75-годишнината од победата над фашизмот со „тивки“ комеморации

Со тивки и скромни комеморации поради кризата со коронавирусот, Европа го одбележува  Денот на победата над фашизмот. Пред 75 години, стотици граѓани излегоа на улиците за да го прослават крајот на шестгодишната крвава војна, а годинава само европските лидери им се поклонија на хероите и жртвите.

Во Русија, годинава изостана парадата на Црвениот плоштад..  Денот победа над фашизмот, беше одбечежан со  положување  цвеќе на Гробот на незнајниот војник  во близина на Кремљ. Рускиот претседател Владимир Путин оттаму порача   дека Русија е непобедлива и обединета.

Во обраќањето до нацијата, Путин  го нагласи значењето на овој празник за Русија, и побара од своите граѓани – секогаш да се сеќаваат на хероите од војната во која загинаа околу 27 милиони советски државјани.

Францускиот претседател Емануел Макрон положи венец заедно со своите претходници Никола Саркози и Франсоа Оланд пред Триумфалната капија во Париз, а на настанот присуствуваа само  20-ина луѓе.

Кралицата Елизабета Втора синоќа преку однапред снимена видеопорака ѝ се обрати на нацијата и ѝ порача „никогаш да не се предава и очајува“.

Во Германија пак,  германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот Франк-Валтер Штајнмајер положија венец во Ноје Вахе во Берлин.

Европските челници,  Сасоли, Мишел и Фон дер Лајен, за 75-годишнината од крајот на Втората светска војна,  порачаа да не се заборави генерацијата од 50-тите години на минатиот век, кои верувале во изградбата на подобра Европа.  „Ако ги научиме тие лекции, ако останеме обединети во солидарноста и ги зачуваме нашите вредности, тогаш Европа повторно може да излезе од кризата – посилна од порано, порачаа тројката европски челници.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста