„ЕВН Македонија“ стана универзален снабдувач со струја

„ЕВН Македонија“ ќе биде универзален снабдувач со струја на домаќинствата и компаниите откако на денешната аукција го победи конкурентот, ЕЛЕМ Трејд. ЕВН победи на аукцијата откако понуди пониска маржа, односно маржата од првичните 14.4% ја спушти на 11.5%.

Според Вицепремиерот Кочо Анѓушев ова значи дека повеќе ќе нема прикажување на нереални трошоци. Со оваа маржа снабдувачот треба да ги покрие сите трошоци, а ако сака да оствари поголем профит, треба да се труди што е можно повеќе да ги намали.

  • Со либерализацијата се заштитуваат граѓаните од ценовните шокови, а се либерализира просторот за малите компании кои се очекува да имаат помала цена на електрична енергија од таа што досега ја плаќале, оти малите и средните компании се носители на транзициониот период на економијата, рече
    вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека граѓаните нема да мораат да потпишуваат нови договори со универзалниот снабдувач и дека за нив останува старата рутина. Потрошувачите како досега, така и во иднина сами ќе си ги плаќаат сметките.

Универзалниот снабдувач ќе ги снабдува граѓаните со електрична енергија во наредните 5 години.

  • Комисијата официјално до Владата ќе достави извештај за спроведената постапка со предлог одлука за избор на најповолна понуда и се надеваме дека на првата наредна владина седница ќе биде донесена одлуката за избор, по што најповолниот понудувач ќе биде поканет да склучи договор за универзален снабдувач со електрична енергија, рече претседателот на Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач, академик Глигор Каневче.

Во моментов околу 80% од пазарот ќе биде покриен од универзалниот снабдувач, а 20% од потрошувачите купуваат на берза. Во иднина се очекува со свои понуди за домаќинствата да излезат и другите снабдувачи.

Борис Грујоски