Фондот за осигурување депозити ги избра банките преку кои ќе се врши обесштетувањето на штедачите во „Еуростандард“

„Комерцијална“ „Стопанска“ „НЛБ“ „Халкбанк“ се четирите банки преку кои ќе се врши обесштетувањето на штедачите во „Еуростандард“ банка. Фондот за осигурување депозити ги избира банките со кои ќе потпише договор на три или на пет години, па така ѓраѓаните можат да бидат сигурни дека парите нема да им пропаднат, потврди директорот на Фондот, Борче Хаџиев.
На пример, ако имате заштедено до 30.000 евра, парите може да се подигнат веднаш, но од кога ќе се Фондот ќе потпише договорот со банките, а тоа ќе биде за околу една недела. Ако тогаш никој не отиде во таа банка во која ќе бидат распределен да ја подигне заштедата, Фондот се обврзува да ги исплати парите за неколку години, особено за штедачите кои се во странство. За граѓаните, пак, што имаат над 30.000 евра, ќе се решавало по отворањето на стечајната постапка на банката.

– Ова што значи дека преку таа банка или банки, во следните три до пет години сите штедачи на „Еуростандард“ банка кои штеделе до 30.000 евра во банката, ќе можат да си ги подигнат своите средства. А и доколку измине рокот на тој договор, сите податоци за штедачите кои дотогаш нема да успеат да си ги подигнат своите средства, ќе се преврлат во Фондот, што значи дека граѓаните повторно преку Фондот ќе можат да бидат обесштетени, вели Хаџиев.
Пред „Еуростандард“ банка во центарот на Скопје денеска беше мирно. Овој човек кој денеска дојде да си го провери сефот, наиде на затворени врати. Рече дека парите на време ги подигнал, а сега имал само лични работи во сефот.

– Дојдов да видам што е со работите што ги имам тука во сефот. Мислам дека нема да има проблем да си ги земам назад, пари немам, тоа што имав си подигнав, се останато ќе биде согласно стечајната маса, вели еден жител на Скопје.
Но дел од граѓаните се загрижени дека ќе им пропаднат парите.
Инаку, стечајната постапка за „Еуростандард“ се отвора в петок, потврдија од надлежниот суд во Скопје. За стечаен управник е назначен Душко Тодевски, а првото рочиште ќе биде одржано на 8-ми октомври.
И натаму остануваат многу пршалници по стечајот на „Еуростандард“ банка. Граѓаните се вознемирени зашто стравуваат дека ќе им пропаднат дел од парите.
Претходно, министерката за финансии Нина Ангеловска изјави дека биле лаги информациите дека ги повлекла парите од „Еуростандард“ или пак дека ги префрлила во други банки. Уверува дека уште лани над половина од депозитите биле вложени во инвестициски фонд. Антикорупциска ќе испитува дали министерката ја зборува вистината. Костовски најави тужба против Народната банка. Оттаму обвинија за лаги и клевети.

Инаку, последен финансиски извештај објавен од „Еуростандард“ е објавен во 2018. Оттогаш нема известување за финасиските резултати од работењето на банката, односно, на Берзата не е објавен извештајот за минатата година, што би требало да се објави некаде до средината на оваа година.
Доколку ваков извештај, пак, бил објавен, соработниците и клиентите на „Еуростандард“ би имале појасна претстава за тоа во каква состојба се наоѓала банката, односно би ја виделе нејзината загуба, па можеби врз таа основа подобро би ги направиле своите бизнис планови.
Како се случило да се дозволи „Еуростандард“ банка да не го објави извештајот за финансиските резултати од своето работење, а притоа никој да не реагира и да ја казни банката, или да ја задолжи јавно да го објави извештајот на Берзата.
Кој требало да забележи дека „Еуростандард“ банка не го објавила извештајот, кој требало да ја опомене или да и изрече санкција поради необјавувањето на извештајот?
Институциите кои се клучни за организирање и регулирање на пазарот на капитал и на банкарското работење, велат дека не било во нивна надлежност да реагираат.
Борис Грујоски