„Eурокомпозитовци“ и понатаму заборавени од државата, досега не влегоа во ниту еден пакет ковид-мерки

Нема крај за агонијата на вработените во последниот македонски загубар „Еурокомпозит“, чиј број, кое од возраста, кое од предолгата неизвесност и беспарицата, а најмногу од пандемијата, секојдневно се намалува. Овие луѓе, по добиените многубројни празни ветувања од државата дека нивниот статус ќе биде решен, изоставени се од сите досегашни пакети на Ковид-мерки, вклучително и од шестиот, што дополнително ги вознемирува и депримира.

 „Од Владата ни е кажано дека поради што сме државна фирма, не влегуваме во ниеден пакет од мерките. Тие мерки биле за приватниот сектор…Од тие шеесетина, останати сме четириесетина, а можеби не сме ни толку, не ја знам точно бројката, дел од вработените напуштија од работа, дел од вработените починаа, некои од Коронавирус, некои од природна смрт, преживуваме многу тешко...“, вели за Алфа, претседателот на Синдикалната организација, Роберт Богданоски.

   Во меѓувреме, тие веќе две години немаат и никакви примања. Немаат ни здравствено и пензиско осигурување, а додека Фабриката пак, е затворена и препуштена на кражби.

  „Состојбата е ужасна, фабриката е оставена на милост и немилост…До пред две години имаме пресметки и имаме во просек за земање сите околу од прилика по 5.000 евра на вработен. Во овие две години како се водиме ние, дали на 80, дали на 70 посто, дали некакви плати ни се водат не е ни битно, бидејќи ние само на хартија ги имаме тие пари и апсолутно мислиме дека никогаш нема да ги земеме“, – дециден е Богданоски.

   Во иста состојба се наоѓаат и околу 230 работници кои заминаа како технолошки вишок. Ним не им е доисплатена отпремнината, а ниту придонесите, иако тоа беше уредено со Закон уште во октомври 2019 година. На овие луѓе не им се исплатени и околу 20 плати.

   Работниците се закануваат дека за скоро, пак ќе ги реактивираат протестите.

   Инаку, двајца од директорите на оваа фирма имаат и кривични пријави за злоупотреба на службената положба, поднесени, едната од работниците, а другата од МВР, а за кои работниците немаат никаква информација дали по нив, досега воопшто е постапувано.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста