ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР ВЕЧЕРВА НА МЕГДАН СО РАЈН НЕКАР ЛЕВЕН

Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва на гостински терен ќе се обидат го изненадат Рајн Некар Левен во трето коло од Лига Европа. Тренерот Жељко Бабиќ за овој меч нема да може да смета на Граџан, Костески и Маџовски, но тоа не е препрека да веруваат во позитивен резултат.
„Рајн Некар Левен е фаворит во групата. Не е лесно да се игра против нив, посебно на гостински терен. Нема што да загубиме, одиме да играме европски ракомет и можеме само да добиеме и да се воиграме за следните натпревари кои ни следуваат“, вели левото крило Гоце Ојлески.
За Битолската екипа ова ќе биде трет меч, по тесниот пораз кај данскиот ГОГ и ремито со швајцарскиот Кадетен во Битола, а втор за фаворизираниот домаќин по триумфот над ГОГ. Мечот меѓу Рајн Некар и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во „САП Арена“ во Манхајм од 20.45.