ЕУ одлучи – квоти за челикот уште три години

Европската Комисија денеска одлучи да ги продолжи за 3 години заштитните квоти за увоз на железо и челик од кои погодени ќе бидат и македонските компании. Дефинитивните квоти стапуваат на сила во февруари. ЕУ веќе ја извести Македонија да се подготви за ова сценарио. Владата уверуваше дека простор за паника нема и вети дека ќе разговара со Унијата за земјава да биде иземена од овие мерки, но досега без резултат. Од Стопанската Комора сметаат дека треба да се направи се за да се заштитат македонските производители на железо и челик. Велат дека и дел од другите давачки и обврски што фирмите ги имаат сега за да се приспособат кон ЕУ нормите, можат да се одложат до влезот во Унијата.

Царините од 25% ќе се пресметуваат откако увозот ќе го надмине просекот од последните три години. Македонските производители на челик и железо алармираа дека штетите ќе изнесуваат најмалку 100 милиони евра. Први на удар ќе бидат фабриките за цевки кои пресметаа загуби од 45 милиони евра. Ќе нема пласман за производство од 120 илјади тони, па дел од нив најавија и откази за работниците. Македонските капацитети 70 до 80% од производите ги извезуваат во Унијата со години наназад.

Тања Попова