Етничката припадност и „граѓанин на РСМ“ влегуваат во личните карти

Етничката припадност на граѓаните ќе биде дел од личните карти, а во посебна графа ќе биде државјанството со географската додавка од новото уставно име.Според премиерот Заев ова не е спротивно на преспанскиот договор, а предлогот кој произлезе од БЕСА е усогласен во рамки на владеачката коалиција.

„Разговаравме на оваа тема, утврдивме дека аргументацијата нѝ укажува дека предлогот е во рамки на духот на Преспанскиот договор. Тоа што е важно, е дека со законскиот предлог се почитува државјанството, тоа стои како македонско – граѓанин на Република Северна Мкедонија, а во друга графа ќе биде етничката припадност“, рече Заев.

Лидерот на опозицијата пак останува на тврдењата дека амбасада на една држава во Македонија има сериозни забелешки со став дека тоа не е во согласност со договорот од Нивици. И дека премиерот само калкулира со довербата на коалициските партнери. Ако Заев има искрени намери да го истурка решението низ собраниска процедура зошто тогаш не го поднесе предлогот со европско знаменце, прашува Мицкоски.

„Ако навистина Зоран Заев сака тоа да го направи, бидејќи досега брутално на 100 пати го прекрши правилото за користење на европското знаменце, еве зошто тоа не го направи сега и да го достави законот во рамките на Собранието со европското знаменце, да можам јас да се идентификувам себеси како Македонец.Еве зошто тоа не го направи ако навистина има толкава желба“, рече Мицкоски.

Левица во парламентот веќе го блокира Законот за лични карти со 1200 амандмани. Според оваа партија се разбива македонската нација, а Македонија станува обична територија составен од етникуми. Според Мицкоски блокадите во парламентот се во координација на Заев со оние кои на изборите требале да одземат гласови на ВМРО-ДПМНЕ.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста