Есхумирано телото на 33-годишна родилка од с. Црнилиште која минатата недела починала во прилепската Болница, раѓајќи здраво женско бебе

          33-годишната жителка на долненското село Црнилиште, пред една недела починала во прилепската Болница, раѓајќи го своето трето дете. Нејзиното тело, по налог на ОЈО денеска е есхумирано и земени се примероци за обдукција. Семејствотото на родилката, се уште во огромен шок, тврди дека сега веќе починатата Љуљета А. немала никакви здравствени проблеми ниту пред, ниту за време на нејзината бременост, а била негативна и на Корона-тестот. Сопругот на Љуљета, кој сега освен за своите две деца кои се на 11 и 7-годишна возраст, се грижи и за штотоуку родената ќерка, видно вознемирен раскажува дека ништо не укажувало на ваков фатален крај за неговата, како што вели, здрава, права сопруга.

  „Јас ја однесов денски, во неделата беше, во 12.45 часот и е историјата отворена, кога ја прими докторката…Докторката ми рече оди си дома ти,недела е ладно е, нема кај да одиш, ќе ти се јавам кога ќе биди за породување. Јас си заминав дома, 21 – 21.30 часот беше кога ми се јави докторката. Ми рече дојди при крај е, ќе се породи и застани ако најдиш нешто отворено да и земиш нешто чипси-мипси, за грицкање, некое сокче“...- ни изјави за Алфа, сопругот на починатата родилка, Фати Алиу.

   Глготата на овој несреќен човек, траела до раните утрински часови, додека никој од персоналот не му кажувал што се случува со неговата сопруга.

  „Јас слегов долу…чекај, чекај, чекај…беше 4 или 4.30 часот, да не ве излажам, ми рекоа – качи се горе. И се качив јас горе и тука ми кажаа дека е почината..крварење имала многу…Само апчиња пиеше витамински како што препорачуваше матичната, секоја контрола имавме крвна слика…Ништо немаше и нормално се породила…“, – раскажува Алиу.

  Алиу вели дека тогаш, заради шокот, но и заради тешката болест на мајката на родилката, не побарале обдукција на телото. Но, откако денеска обвинителката побарала есхумација на телото, Алиу вели, да им кажеле од Болницата дека ќе треба обдукција, ќе дозволеле секако, бидејќи денешниов, морбиден чин дополнително им ги раскопал се уште свежите рани.

  Од ОЈО го потврдија случија и според обвинителката Марјана Илиеска земените примероци од денеска есхумираното тело ќе бидат предадени на вештачење на Судска медицина, со цел утврдување на причините за смртта.

  Директорката на прилепската Болница пак, одби да го коментира овој трагичен настан кој се случил во раните утрински часови на 10-ти јануари.

  Инаку, утринава, и на Инфективното одделение во Битола починала жена на 33-годишна возраст. Од  Болницата велат дека жената не била позитивна на вирусот, но била хоспитализирана како сомнителна на ковид-19. Поради брзата смрт, побарана е судско-медицинска обдукција врз телото на починатата.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста