Erste Investors’ Breakfast – Деветта конференција во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка АД Скопје

Скопје – На 19.10.2022 г. (среда) во хотелот „Александар палас“, во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка АД Скопје, а со поддршка на Мудис – глобална интегрирана компанија за процена на ризикот, по деветти пат се одржа конференцијата „Erste Investors’ Breakfast“. На конференцијата присуствуваа аналитичари и експерти од Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе групацијата, како и од македонскиот финансиски сектор, со свои анализи и предвидувања за актуелните трендови во финансискиот свет, за последните движења на меѓународните и на регионалните финансиски пазари, како и за макроекономските и финансиските движења во Република Северна Македонија.

Конференцијата ја отвори заменик-претседателката на УО на Шпаркасе Банка АД Скопје г-ѓа Нина Неданоска, која во своето поздравно обраќање истакна:

Ми претставува огромна чест и задоволство што Шпаркасе Банка по деветти пат е домаќин на овој значаен настан во Република Северна Македонија, каде што заедно со стручните аналитичари од Ерсте групацијата овозможуваме колегите да ги разменат своите мислења за актуелните глобални и локални финансиски движења, со посебен акцент на различните последици што ги предизвикува глобалната енергетска и финансиска криза. Гледано од денешна перспектива, би можело да се изведе заклучок дека зголемувањето на каматните стапки продолжува, а изгледите за рецесија стануваат речиси сигурни, па во овој поглед, 2023 година се очекува да биде предизвикувачка година. Обезбедувањето соодветни информации за владите, компаниите, банките и за населението е од суштинско значење за да им се овозможи на сите нив да развијат стратегии за преживување на кризата. Шпаркасе Банка продолжува да биде силна поддршка на целокупната економија во РС Македонија, затоа што верува дека само на тој начин заедно и посилни ќе излеземе од актуелната кризна состојба.“

Вицегувернерката Ана Митреска во своето обраќање се осврна на политиките што ги водат централните банки сега, во услови на нестабилно опкружување, енергетска криза и инфлаторни притисоци. Таа посочи дека насоката во која треба да се движат политиките на централните банки во следниот период е јасна. Инфлацијата трае подолго време и има сè поширок опфат, што ги поттикна речиси сите централни банки да започнат со затегнување на монетарната политика. Сепак, динамиката на затегнување треба да зависи од спецификата на самата економија. 

„Од крајот на 2021 година, Народната банка започна со нормализирање на монетарната политика преку повлекување на ликвидноста со девизни интервенции, додека од април, и со постепено зголемување на основната камата. Финансиската стабилност е зачувана, и покрај неизвесноста што ја донесе кризата и ризиците за прелевање на проблемите од реалниот во финансискиот сектор. Банкарскиот сектор е стабилен, нефункционалните кредити се на ниско ниво и опаѓаат. Солвентноста, која е главен показател за способноста на банките да апсорбираат шокови, останува и понатаму висока. Стрес-тестовите за 2022 и 2023 година ја потврдуваат севкупната отпорност на банкарскиот систем на макроекономски шокови. Сепак, потребна е претпазливост и будно следење на состојбите, вели Митреска.

Д-р Диетмар Хорнунг, заменик-извршен директор на Sovereign Risk Group, Moody’s Investors Service, зборуваше за Европа и за регионот на ЦИЕ во рамките на енергетската криза и зголемените геополитички ризици. По кафе-паузата, свое обраќање имаше м-р Мате Јелиќ, виш макроаналитичар, како модератор претставник на Ерсте и Штаермеркише групацијата на тема Вовед во тркалезната маса: „Економски и пазарни перспективи: Повторување на кризата од 1970-тите“.

Дискусија на тркалезна маса се одвиваше од неколку говорници: г. Филип Николоски, заменик-министер во Министерството за финансии на Република Северна Македонија, г. Кочо Анѓушев, извршен директор на Групацијата Фероинвест во Грин машинс, Брако, г. Петар Трпески, раководител на тргување и финансиски пазари во Шпаркасе Банка АД Скопје, како и г. Антун Буриќ, раководител на институционална дистрибуција – CEE & Institutional AM CZ, Erste Group Bank AG.

Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе како една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и во Источна Европа опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури, а за нејзината стабилност и традиција зборува фактот за непрекинато работење од близу 200 години. Во Македонија групацијата е застапена со Шпаркасе Банка АД Скопје и Шпаркасе Лизинг.

Advertisements