Ердоган порача: Турските граници остануваат отворени за мигрантите

Турција ќе ги остави границите отворени за мигрантите кои патуваат кон Европа се додека Европска Унија не ги исполни очекувањата на Анкара во врска со Договорот за мигранти од 2016 година, порача турскиот претседател Ердоган. Најави дека ќе го достават својот предлог до Брисел пред самитот на 26 март.

За разлика од нашата јужна граница каде засега ситуацијата е мирна и не се регистрирани инциденти, тензиите на грчко-турската граница не стивнуваат. Припадниците на грчките безбедносни служби со шок бомби и солзавец се борат против напливот на мигранти.

Ердоган рече дека односот на Грција кон мигрантите е споредлив со злосторствата извршени од нацистичка Германија .

Со договорот од 2016 година Турција се обврзува да го спречи приливот на мигранти и бегалци, за чија грижа требаше да добие шест милијарди евра плус забрзување на преговорите за членство во Европската Унија и укинување на визите за турските државјани.

Од Турција досега излегле над триесет и седум илјади мигранти а грчките безбедносни служби спречиле дваесет и четири илјади илегални влегувања во земјата преку границата со Турција.

Од почетокот на 2020 година во Македонија околу 6000 луѓе се фатени во обид да стигнат до западните земји.

Лидерите на Франција и на Германија следната недела треба да се сретнат со Ердоган во Истанбул во обид да се најде решение за новата кризна состојба.

Дејан Трендов

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста