Епидемијата зема залет, регистрирани дури 175 заболени и 5 починати, Владата сепак сака брзи избори

Корона кризата целосно надвор од контрола во Македонија. Црни и поразителни бројки и во текот на минатите 24 часа. Нови пет починати и 175 новозаразени. Најмногу загрижува состојбата во главниот град, 131 нов случај е регистриран во Скопје, втор на црната листа е Куманово со 24 новозаразени, 5 има во Тетово, 4 во Велес, по два во Прилеп, Струга, Гостивар и Свети Николе, еден позитивен случај има и во Охрид.

И додека бројките на новозаразени секојдневно надминуваат 100, а и бројките на починати се и повеќе од загрижувачки, владејачката СДСМ се обидува да протне брзи избори на 5 јули. Од вкупно 164 смртни случаи, дури 31 се во првата третина на месец јуни. За разлика од Владата, медицинската фела контра брзи избори, кои би можеле да бидат опасни по здравјето на луѓето. Доктор Зоран Спировски за Алфа вели дека изборно соочување во овој момент е невозможно.

-Треба да имаме еден период од 28 дена според епидемиолошките правила, да бројот на заболени да биде нула…што значи уште повеќе би ја комплицирале оваа ситуација која ни од далеку не е добра, изјави Спировски.

На строгите правила за прогласување крај на епидемија потсетува и епидемиологот Драган Даниловски, но тој вели одлуките во Македонија се носеле политички, а не слушајќи ги медицинските лица.

-Во моментов е неблагодарно да се прогнозира кога би можеле да се одржат изборите. Од една страна епидемиолошките критериуми се мошне строги, и ако се следат само нив, треба еден месец да чекаме да нема ниту еден позитивен пациент , но сепак тоа не е објективно реалано, рече Даниловски.

Додека Владата вели дека ситуацијата е под контрола и време било за избори, бројките говорат сосем друго, покрај големиот број на починати во само 10 дена од месец јуни, посебно загрижува и бројката на нови случаи. Само во текот на овој месец досега има нови 1,312 заразени.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста