Епидемијата со морбили зема замав, надлежните не знаат колку здравствен персонал е невакциниран

Епидемијата со морбили зема замав, а надлежните се уште не знаат колку здравствени работници во земјава се невакцинирани. Велат, бројките за тоа ќе ги соопштеле дури следната недела. Од Државниот здравствен инспекторат најавува санкции онаму каде нема да се почитуваат препораките за задолжителна ревакцинација на вработените.

Министерството за здравство минатиот месец им наложи на сите болници да го проверат вакциналниот статус на своите вработени – оние кои нема да донесат потврда дека ги примиле вакцините, ќе треба да се боцнат со нова доза на МРП. Задоцнетата реакција на надлежните ја вжешти дебатата меѓу власта и опозицијата. Од ВМРО – ДПМНЕ прашуваат зошто министерот чекаше четири месеци за да наложи општа имунизација на медицинскиот персонал? Власта се правда – епидемијата настанала поради неажурноста на претходната владејачка гарнитура.

Епидемијата со морбили во последните три месеци погоди десетици здравствени работници. Заразени беа вработените на неколку скопски клиники – педијатрија, инфективна и неврологија. 34 заразени, според надлежните, имало и во струшката болница, каде целосно е затворен одделот за хирургија.

Инаку, само минатата недела во Институтот за јавно здравје регистрирани биле рекорден број на новозаболени – 134, а околу 1600 лица биле заразени со мали сипаници од почетокот на епидемијата во декември.

Биљана Божиновска