Епидемијата со Корона вирусот предизвика хаос во образованието

Корона вирусот внесе хаос и во образованието – како во основното и средното, така и во високото образование. Студентите со петиција се противат на мерката за електронска проверка на знаењето.

Според нив начинот на оценување нема да даде квалитет и ќе подлежи на разни манипулации. Од Универзитетското собрание велат дека МОН не треба да се меша и да носи избрзани одлуки.

Хаос ќе настане, но не само тоа ќе има поделба на студенти кои можат да си дозволат да ги полагаат испитите од дома и оние кои нема да можат финансиски да си дозволат. Очигледно е дека МОН не си ја врши работата како што треба. Имаме ли нaпредок? не!, изјави Борјан Ефтимов- претседател на Универзитетско Собрание.

Професорот од Правниот факултет, Владимир Божиновски се согласува дека има проблем во високото образование. Тој смета дека не сите предмети може да се полагаат преку електронски платформи.

„Онаму каде што е возможно ќе може на пример преку есеи, но онаму каде што е проблематично треба да почекаме да помине кризата“, изјави проф. Владимир Божиновски.

Наставниците исто така се против електронското оценување. Континуитет во наставата велат мора да има, но кога се во прашање оценките тогаш има проблем.

Сметам дека можеби требаше порано да бидеме известени или требаше да ни организираат обуки, сега секој вработен се снаоѓа како што знае. Додека пак, кога станува збор за оценувањето не би требало да има. За сега доволно е да имаа континуитет во наставата, изјави наставник во основно училиште.

Наставниците кои ги контактиравме инситираа да останат анонимни. Ни раскажаа со какви проблеми се соочуваат, но од страв за нивните работни места решија да не говорат јавно.

Посочија дека има семејства со три деца кои имаат само еден комјутер. Па се случува две или сите деца да имаат настава истовремено. Но, и самите наставници кои имаат деца, велат дека се соочуваат со сличен проблем – кој да го користи комјутерот.

Наставата појаснуваат дека не може да се следи само преку мобилен телефон. Децидни се дека со тестирање онлајн ќе има многу пропусти и врз основа на тоа велат во прашање се доведуваат оценките, односно колку би биле тие реални.

Инаку, во мерката стои дека проверката на знаењето во основното, средното и високото образование ќе се врши преку видеоконференциски платформи, електронска пошта и други видови електронски платформи.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста