Епидемијата не стивнува – еден починат и 23 новозаразени

Избори во јуни, наместо на есен – и покрај тоа што бројот на заразени од Ковид 19 во последните денови значително расте, првиот човек во здравството смета дека токму сега се чувствувале бенефитите од строгите рестриктивни мерки, па изборите во јуни би биле безбедни по здравјето на граѓаните доколку се почитуваат мерките на заштита кои ги препорача Комисијата за заразни болести.

„Апсолутно, стојам зад тоа дека доколку се почитуваат мерките, било што за што тие мерки се препорачани од Комисијата за заразни болести, може безбедно да се одржи. Граѓаните да се свесни дека мора да се држи физичка дистанца, да се носи маска, а институциите што се задолжени за контрола тоа да го спроведуваат“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Инсистирањето на надлежните да се оди на брзи избори, отвора друга дилема – зошто кон крајот на март и почетокот на април се инсистираше на рестриктивни мерки и строги карантини повикувајќи се на наводен пик на вирусот, а сега мерките се олеснуваат кога бројот на заразени во однос на бројот на тестирани е речиси идентитен? И зошто надлежните наместо да ги зајакнуваат мерките, тие се олеснуваат, па дури и се повикува на брзи избори?

Ако ја погледнеме последната статистика на ИЈЗ во последните 6 дена починале 14 пациенти, а бројот на новодијагностицирани со Ковид 19 се зголемил за 160 нови случаи, што е помеѓу 6 и 12 отсто од вкупниот број на тестирани. Во оваа бројка не се вкалкулирани тестовите од скринингот, каде беа регистрирани само два случаи. Овие бројки, пак, се далеку под очекувањата на докторите дека мерките може да се олабавуваат кога процентот ќе се движи под 5.

И земјите од соседството се подготвуваат за избори, но таму бројките се далеку помали. Во Хрватска, каде изборите се закажани на 5 јули, во последните два дена биле регистрирани само 9 ново заболени, што е помалку од 0,3 отсто од вкупниот број на тестирани.

И во Србија, вчера била направени близу 7000 тестови, регистрирани 86 позитивни, што е 1,2 проценти од вкупниот број на тестирања. Таму парламентарните избори се закажани за 21 јуни, но претседателот Александар Вучиќ најави оти тие би можеле и да се одложат доколку во меѓувреме бројот на заболени порасне.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста