Енергетската криза чука на врата и ги вивна цените на огревното дрво и пелетите

Најавата за поскапување на цената на струјата, ги вивна во воздух цените на дрвата и палетите. Грејната сезона граѓаните ја започнаа со пресметки како е најисплатливо да ја поминат зимата. Цената на дрвата достигнува и 3600 денари за кубен метар без разлика дали станува збор за бука или дабови дрва. Во складиштата на Македонски шуми цената е нешто поевтина, но и таму е проблем да се најде. И ако веќе се обезбедат, на ова ако се додаде и вредноста за транспорт и сечењето, цената доплнително расте. А порасна  цената и на пелетите. Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти достигнува цена до 300 денари, а лани чинеше околу 180 денари.

Алфа направи обиколка низ повеќе складишта, од каде велат дека од ден на ден се потешко успеваат да обезедат дрва.  Граѓаните кои си набавиле пред сезоната велат еден метар кубен дрва чинело исто како и минатата година, а сега, поради големата побарувачка цената нагло пораснала.

Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“  62 отсто од вкупниот број домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење. За претстојната грејна сезона на едно домаќинство за затоплување на домот ќе му бидат потребни од 200 до 700 евра, што зависи од начинот на кој ќе се греете.

Ако затоплувате стан од околу 60 метри квадратни, а се греете со дрва ќе ви бидат потребни од 400 до 500 евра. Со инвертер, тоа ќе ве чини околу 200 евра. За греење со останати грејни тела на струја, ќе треба да одделите сума од над 20 илјади денари.. Сепак, неизвесно е дали овие пресметки ќе останат исти во текот на целата грејна сезона поради најавите за криза во обезбедувањето на електрична енергија.

Греењето со градско парно,  според пресметките скопјани ќе ги чини околу 24 илјади денари. Доколку својот дом го затоплувате со пелети, пресметките покажуваат дека во просек се трошат околу два и пол тони за кои ќе треба да платите околу 36 илјади денари.

Анализите откриваат дека најскапиот енергенс за греење на домот е нафтата. Таа е и најмалку користена од домаќинствата – според податоците од статистика, само половина процент од населението во државата употребува нафта за затоплување.

Познавачите сметаат дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов, гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста