Енерегетската криза и минималецот ги „јадат“ развојните проекти на јавните претпријатија

     Енормното зголемување на цената на енергенсите, но и покачувањето на минималецот удираат врз развојните програми и на јавните препријатија кои работат под капата на локалните самоуправи. Прилепското ЈП „Пазари“, со цел да ги убалжи овие финансиски удари бара алтернативни извори на енергија, бидејќи како што вели првиот човек на претпријатието, само последната сметка за струја им била трипати повисока од вообичаената.

  „За среќа, нашето претпријатие располага со  фотоволтаичен систем кој во моментот кога јас дојдов на функцијата в.д. не беше во функција….Десет месеци парктично, фотоволтаиците не работеа и беа голем товар сметките за електрична енергија на финасиското работење на фирмата. Од 27.000 дојдено ни е сметка до 84. 000 денари што значи трократно зголемување на сметките за струја“, – посочува Игор Крстески, директор на ЈП „Пазари“, Прилеп.

   Заради профилот на кадарот кој работи во ваквите претпријатија, сериозен проблем претставува и зголемувањето на минималецот, вели Крстески и додава дека тие претрпеле значителни последици од донесувањето на овој Закон.

  „Нашата фирма располага со  26 вработени од кои 21, според новиот Закон за минимален доход беа под минималниот доход. Со внатрешна реорганизација и пренасочување на средствата обезбедивме средства да ги исплатиме личните доходи според новата пресметка. Но, очекуваме во наредниот период да имаме проблеми можеби со исплатата на нето платата според новите пресметки“, – објаснува Крстески.

   Вакви стравувања, условени токму од новонастанатата лоша економска клима во земјава, има кај поголемиот број претпријатија, заради што општините, континуирано бараат помош од централната власт. Според податоците на Министерството за финансии, долговите на општините достигнаа до 68,9 милиони евра, а долгот на општинските јавни претпријатија рипна на 58,4 милиони евра. А над 23 милиони евра чини само неплатениот долг на општините, јавните претпријатија и државни институции кон ЕВН-Хоме.

  Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста