Емил Јакимовски доби отказ- нападите кон новинарите да бидат третирани како напад кон службено лице

Емил Јакимовски коj последниве неколку денови е актуелен во јавноста со заканите, уцените и навредите кон новинари заработи отказ. Оваа одлука ја донела директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски. Таа за Алфа вели по нејзино барање заседавала дисциплинската комисија и донесена била одлука за престанок на работниот однос, поради прекршување на Кодексот на однесување. Јакимовски последниве континуирано испраќаше закани, како и пораки полни со невистини, пцости и вулгарности кон главната и одговорна уредничка на Алфа ТВ, Искра Коровешовска и новинарката Мери Јордановска.

-Не го чувал угледот на работодавачот и не се воздржувал од постапки кои со оглед на природата на работата што ја врши се штетни и ги повредуваат интересите на работодавачот. Професионално не се однесува кон другите вработени и странките, не ја респектирал хиерархијата и не се однесувал согласно кодексот на однесување на работодавачот и пропишаните правила за ред и дисциплина, вели Бошковска Јанковски за Алфа.

Покрај вулгарностите за двете новинарки, токму директорката на Централниот регистар доста често е на цел на напади од страна на Јанковски, велејќи дека таа ќе заврши во затвор. Бошковска Јанковски вели во граѓанска постапка пред судот, сега веќе нејзиниот поранешен вработен ќе требало да докаже на што ги темели напишаните зборови.

-За тие негови напади јас веќе подготвувам приватна тужба, бидејќи тоа се клевети и навреди кон моја страна, изјави Бошковска Јанковски.

Заканите, уцените и навредите во полиција ги пријавија и Коровешовска и Јордановска. ССНМ и ЗНМ бараат измени во кривичниот законик, со кои напад врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице.

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, во разговор за Алфа најави дека во наредните денови од негова страна ќе биде преземено се за расчистување на сите случаи на насилство кон новинари.

-Министерството за внатрешни работи сакам да потенцирам дека нуди целосна соработка и поддршка во сите вакви случаи на насилство врз медиумските работници, со цел превенирање на слични закани и други форми на насилство во иднина. Јас лично како министер за внатрешни работи стојам на располагање на медиумските работници со цел нивна заштита, изјави Чулев за Алфа.

Јакимовски остана без работа, новинарките го пријавија во полиција, а сега Обвинителството е тоа кое ќе треба да ги прочешла заканите, уцените и навредите. Атак кон еден новинар никако не смее да мине без санкции.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста