Емил Јакимовски доби една година и осум месеци затвор и лекување во Бардовци

Насилството кон сопругата Драгана и заканите кон новинарката Мери Јордановска, му донесоа една година и осум месеци затвор, со задолжително психијатриско лекување во Бардовци на Емил Јакимовски. Оваа не му е прва пресуда, тој претходно добил и условна казна затвор, поради насилство кон сопругата, што според зборовите на судијката Џенета Бектовиќ, претставувало отежителна околност при одредувањето на казната.

-Обвинетиот по пат на информатички систем преку апликацијата „Телеграм“ се заканувал кон оштетената Мери Јордановска Чанчаревиќ дека ќе ја лиши од живот, така што и пишувал дека ќе искреираат на некролог. Исто така судот како отежителни околности ги ценеше дека обвинетиот претходно веќе е осудуван за истородно кривично дело, односно телесна повреда при семејно насилство, пишува во пресудата за Јакимовски.

Одбраната изрази задоволство, како од казната затвор за Јакимовски, така и од мерката за психијатриско лекување.

-Очекувана висина на затворска казна и очекувана мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување во психијатриска установа, со оглед на фактот дека со вештачење се утврди негово одредено психичко пореметување, изјави Јанаки Митровски.

Дали осудениот ќе ја обжали пресудата се уште не се знае. Неговата адвокатка Иванка Јакимовска, вели одлуката ќе била донесена по консултации со клиентот. И таа изрази задоволство од мерката за психијатриско лекување.

-Во моментов е најнеблагодарно да коментираме било каква пресуда, па и оваа. Сметам дека секоја странка има право на жалба, дали тоа ќе го искористиме или не, ќе биде во согласност со мојот властодавател, во смисла на тоа дали истиот ќе ја обжали, со оглед на тоа што има изречено мерка на безбедност… Согласно законот тоа е најправилно што може, изјави Јакимовска.

Инаку, Јакимовски во последниот период стана актуелен во јавноста со заканите кон новинарката Мери Јордановска, како и недоличните навреди и клевети, без никаква основа, кон главната уредничка на Алфа телевизија, Искра Коровешовска. Судот реши Јакимовски да остане во Шутка до правосилност на пресудата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста