„Eл чека“ објави нова бомба – Шекеринска и Бесими за гласањето на ДИК за локалните избори

„Вашиот глас во ДИК ќе биде одлучувачки“, се слуша гласот на, како што се тврди во објавата на „Фејсбук“, Радмила Шекеринска која разговара со Фатмир Бесими, во новата „бомба“ што преку ноќ се појави на социјалните мрежи.

Во снимениот разговор објавен од Ел Чека, Шекеринска му дава упатства на функционерот на ДУИ Фатмир Бесими, како Субхи Јакупи, член на ДУИ во ДИК, да го искористи својот „одлучувачки глас“ и да гласа во комисијата, за спорни ситуации за локалните избори во 2013 година.

Шекеринска бара Јакупи да гласа принципиелно, за одредени општини, што ќе му донесе победа на тогаш опозицискиот СДСМ. Тогаш градоначалник на Центар стана Андреј Жерновски.

По објавената снимка, преку статус на „Фејсбук“ се огласи Шекеринска. Преку него, таа индирекно потврдува оти на објавената „бомба“ се слуша лично нејзиниот глас.

„Малку се залетаа. И самите покажаа колку не сме исти. „Бомбава” само потврди која е огромната разлика меѓу нас и нив: тие се закануваат, ние бараме принципиелно да се гласа; тие крадат, ние бараме да не се крадат победите. Да се признае победата чесно и принципиелно. За жал, ништо не им беше свето и на државата и го приредија срамот со трите прегласувања на локалните избори 2013.
Можете уште еднаш да се уверите: не сме исти!“

По објавата на разговорот неминовно „виси“ прашањето дали Шеќеринска воопшто смеела да води ваков разговор со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, со намера да влијае врз поведението на член на ДИК, во било која смисла.

За слична ситуација, со докажувања преку снимени разговори за договарање како да гласа членот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими, за приговори за истите локални избори во 2013 година, кривично одговараа Сашо Мијалков, Мендух Тачи и Бедредин Ибраими. Во првостепената пресудата за предметот „Титаник 2“, поранешниот директор на УБК Мијалков беше осуден на 3 години затвор, а осуда добија и Тачи, Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Елизабета Стефановска.

Ова не е единствена ситуација, односно скандал, каде што се споменува Шекеринска, и нејзини блиски. Во случајот „Рекет“, во снимки од разговори објавени во медиумите се споменува нејзиниот сопруг Божидар Јанковски попознат како Бобо Дајнерс, а и нејзината јатрва Марија Јанковска која е еден од основачите на невладината организација „Меѓународен сојуз“ чии претседател е првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски, познат како Боки 13.

Сања Трајковска Ставров