Експертите очекуваат поголем број Македонци да излезат на гласање, Албанците можно е да калкулираат

Дали ќе има цензус за успех на претседателските избори? Експертската јавност смета дека граѓаните ќе излезат и в недела и ќе го изберат петтиот претседател на Македонија. Аналитичарот Петар Арсовски, очекува на петти мај зголемена излезност да има од македонското гласачко тело.

-Мислам дека кај македонските партии ќе има некакво подигање на излезноста. Кај ВМРО-ДПМНЕ тоа е затоа што веќе имаат реална шанса за победа, а кај СДСМ од страв да не ја загубат позицијата која ја имаше Стево Пендаровски како фаворит  кога во влезе во овие избори, изјави Арсовски.

Доколку во недела не излезат 40 проценти од запишаните гласачи, функцијата претседател на државата ќе оди во рацете на првиот човек на Собранието.

Собранискиот спикер Талат Џафери посочи дека е спремен од 12 мај да ја преземе позицијата в.д. претседател, доколку не биде постигнат потребниот цензус од 40 проценти.

Токму ваквиот развој на настаните според Арсовски може да донесе намалена излезност кај албанскиот електорат.

-Кај албанските партии е сосема друго прашање. Мислам дека што од калкулации, што од политички маневри, што од можноста Талат Џафери да стане в.д. претседател, може да има дополнителни политички калкулации кај Албанците, вели Арсовски.

Тој надополнува и дека можноста за бојкот може да ја искористи Алијансата за Албанците, која сега се смета за лидер кај албанското гласачко тело, како побрзо би дошло до парламентарлни избори. Тие и Движењето Беса во текот на оваа недела треба да донесат одлука како ќе постапат на петти мај.

Останатите политички субјекти едногласни кога е во прашање цензусот за овие избори. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски е сигурен дека потребната излезност на петти мај ќе има.

-Јас кажав следен претседател на Република Македонија е професорката Гордана Силјановска Давкова и самото тоа дава одговор на вашето прашање дека очекувам да има цензус во вториот круг на петти мај, изјави Мицкоски.

Увереност во успех на изборите изрази и премиерот на државата и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев.

-Верувам дека ќе успеат изборите, тоа ми е државната одговорност, на мене, се надевам на опозицијата, се надевам на сите граѓани. Изборите треба да бидат и мора да бидат успешни за да продолжиме напред, изјави Заев.

На иста бранова должина е и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

-Мислам дека на 5-ти мај ќе се одлучува дали оваа земја ќе биде успешна и со тоа ќе испратиме порака до меѓународната заедница дека на 5 мај сме гласале за што поскоро членство во НАТО и ЕУ, рече Ахмети, вели Ахмети.

Покрај политичките лидери граѓаните сами да одлучат кој во иднина ќе ја води државата од претседателската вила на Водно, повикаа и други аналитичари, експерти, како и активисти од власта и опозиција.

Матеја Петровски