Експертите без дилема – намаленото ДДВ за струјата е предизборен трик

Намалувањето на ДДВ за струја од 18 на 5 отсто е времена мерка во предизборен период, која ќе и нанесе уште поголеми штети на енергетиката, алармираат експертите и велат дека ваквата одлука на Владата е само привремено решение. Дупката во буџетот ќе ја почувствуваат граѓаните кои ќе плаќаат повисоки цени по други основи.

„Со ова намалување дупката која што ќе се создаде во буџетот ќе биде поголема, а тоа ќе се пополни со онаа нова еколошка такса за бензините и за дизелот, што за жал е само едно пренасочување на давачките за граѓаните, а не вистинско намалување“, вели поранешниот член на РКЕ, Елена Маркова Велинова.

И покрај зголемувањето на цената на струјата од минатата година, компаниите наместо добивка, повторно генерирале загуба, алармираат енергетичарите. Енергетските постројки треба плански да се користат и плански да се одржуваат, бидејќи стабилен енергетски систем е индикатор дека државата има правилен и стабилен економски раст, вели Велинова.

„Минатата и предминатата ЕЛЕМ продаваше поефтина енергија на Универзалниот снабдувач во однос на произведената електрична енергија. Намеленото производство, оваа ниска цена, потрошените акумулации и зголемените вработувања сето тоа е причина за овие генерирани загуби од 16,8 милиони евра. Такво едно недомаќинско работење генерира вакци загуби“, додава таа.

Зелената енергија, со која толку се фали власта е скапа работа, и за да се спроведе државата требаше РЕК Битола да ја одржува во здрава и стабилна состојба, со одржливо производство, бидејќи балансирањето на зелената агенда е многу скапо ако немате сопствени извори на енергија, реагираат енергетичарите.

Инаку, РКЕ до крајот на месецов треба да одлучи дали ќе го прифати барањето на компаниите за зголемување на цената на струјата. Лани, цената на електричната енергија се покачи за 7,4 отсто.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста