Експерти: Загрижувачките резултати во извештајот на Стејт Департмент не се ништо ново

Загрижувачките резултати во извештајот на американскиот Стејт Департмент не се ништо ново – тоа е апсолутно пресликување на состојбата во државава – вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска. Но она што загрижува е токму недостатокот на конкретни мерки – посебно ако се земе предвид дека не само од Стејт департментот – Македонија редовно добива забелешки од многу други меѓународни институции.

Не велам дека не се прават напори, не велам дека ситуацијата е таква да постои целосна пасивност, но прашањето е во која насока таа активност се усмерува и колку е ефективна. Од ова што во текот на годината и неколку години се повторува, јасно е дека мора да се превземат многу поинтензивни, појаки чекори за да се санира состојбата. Ќе споменам дека невладиниот сектор е многу поактивен од другите државни институции – вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска.

Дека не е доволно само декларативно да се најавува дека државава се бори против корупцијата, притисокот врз медиумите, лошите затворски услови, како што стои во извештајот, дециден е и универзитетскиот професор Васко Наумовски.

Она што е загрижувачки е дека корупцијата е широко распространета и ги опфаќа сите нивоа во власта. Тоа не наликува на една држава членка на НАТО и земја која се стреми да биде членка на ЕУ. Мора да се превземат детални мерки, не се доволни декларативните најави дека власта се бори против корупцијата, потребно е да се демоснстрираат видливи резултати. Како и сите реформи што се спроведуваат, треба да бидат видливи, состојбата во затворите можеби не секогаш е највидлива, но е од клучно значење за функционирање на демоктратијата и остварување на основните човекови права и слободи – вели универзитетскиот професор Васко Наумовски.

Дел од комисиите често пати детектираат неправилности во повеќето сегменти од општеството, но многу претставки поднесени до обвинителство, се уште си стојат во фиока, како што и покажува најновиот извештај.

Полициската бруталност, нечовечки услови во некои затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, како и случаи на сериозна корупција во владините редови, се дел од забелешките на Стејт Департментот во извештајот за човековите права во земјава.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста