Експерти за Алфа: Старо-новата Влада нема капацитет за справување со клучните проблеми во Македонија

Страшна енергетска криза, нов силен бран на корона пандемијата и кратки рокови за решавање на спорот со Бугарија – ова се трите најитни проблеми со кои треба да се соочи старо-новиот кабинет на премиерот Димитар Ковачевски. Има ли капацитет?

Старо-новата Влада тешко ќе се справи со еконосмко – енергетската криза, со пандемијата како и со спорот со Бугарија – трите клучни проблеми за Македонија, велат експерти за Алфа.

Првиот и најважен предизвик е надминувањето на енергетската криза и обезбедувањето подобри услови за живот на граѓаните. Според познавачите на состојбите, ова прашање ќе биде тешко да се надмине ако се суди според досегашното, лошо, искуство.

Ѓорѓи Манасков за Алфа вели дека оваа криза најмногу се чуваствува во Македонија, за што е виновна актуелната власт. Смета дека мора сериозно да се пристапи кон решавање на проблемот. 

  • Оваа Влада за да ја надмине оваа криза, кој да бидеме искрени најмногу ја има кај нас, во Македонија, треба да ги разреши сите оние кои беа одговорни и кои придонесоа во создавање на проблемите кои се уште ги има се повеќе, наместо да се намалат, вели меѓу другото за Алфа Ѓорѓи Манасков, експерт по енергетика.

Енергетско – економската криза е резултат и на пандемијата, но Македонија не беше поготвена ниту за едното ниту за другото. Сепак, лекарите се надеваат дека барем на ова поле годинава ќе биде подобро откако ќе помине актуелниот пик на сојот омикрон.

Сериозни проблеми има и на надворешен план –  бугарската блокада на македонските евроинтеграции. Според познавачите, старо-новата Влада уште од првиот ден го падна испитиот. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека сето ова е само продлжение па дури и надградба на погубните политики кои се водеа изминативе пет години. Тој од актуелниот премиер не очекува позначајно решение кое ќе биде прифатено за македонскиот народ, зашто самиот тој иако немаше право на грешка, таа уште од старт ја направи.

  • Ние се однесуваме понижувачки, неодговорно и како да сме спремни да го прифатиме поразот. Реализираме се што треба и не треба, и кога знаат на какви отстапки сме спремни ќе те газат и понатаму, вели меѓу другото за Алфа Ристо Никовски, поранешен амбасадор.

Експертите се согласни дека и оваа Влада која има кревко мнозинство од само 62 пратеника, ако се суди според гласањето во неделата, нема да може да се соочи со вака сериозни предизвици. Оттука најдобро решение би било организирањето предвремени избори.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста