Експерти: Потребно е репреговарање со новата политичка влада во Бугарија за политички прашања, историјата да се остави на научниците

Експерти: Потребно е репреговарање со новата политичка влада во Бугарија за политички прашања, историјата да се остави на научниците

Владата треба да ја притисне Бугарија каде што е најслаба,а тоа се малцинските прашања, и да лобира преку европските држави, со цел репреговарање и решавање на билатералните прашања на начин кој ќе биде прифатлив за сите страни. Експертите на иста линија со премиерот Христијан Мицкоски – откако ќе се формира новата политичка влада во Бугарија, челниците од двете земји треба да се посветат на зајакнување на соработката и подобрување на односите. Имајќи го предвид ставот на власта, дека нема да има уставни измени под странски диктат, со уцени и ултиматуми, цврстите позиции ги разгневија бугарските власти. Софија досега беше навикната на потчинет однос од Скопје, па сега изненадена порача дека немало да има какво било репреговарање.Оваа реакција според упатените, е очекувана.

Да не се лажеме. Јавноста не ги прифаќа бугарските барања, и нема влада која може да го направи тоа против кое е народот. Новата влада треба да излезе со нова стратегија, да се притисне Бугарија каде што е најслаба, тоа е прашањето за малцинствата, и да се лобира преку европските држави. Она што е јасно, дека протоколите се меѓународни, но се со послаба сила од договорите. И не е лошо, да се размислува повикување на одлуката на собранието со која ги прифати тие протоколи. Има многу варијанти, прашање е проценка на владата преку кои механизми би сакале да извршат притисок, вели поранешниот амбасадор Јован Донев.

И не е само најавата за репреговарање на политички план. Многу скоро ќе има реформи во мешовитата историска комисија за која долго време се алармираше дека работи под политички притисок. Експертската комисија иако требаше да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани и личности, нејзината работа уште од самиот почеток беше контроверзна, а фокусот се измести – од историските факти, кон политичките желби.

Ние им забележуваме во принципиелниот однос. Не можете вие да бидете научник, а да делувате политички. И да дојдат други, тоа е само кадровско решение. Во науката нема компромиси и договарање. Има конференции, докажување и несогласувања. Најчесто ни посочуваат заради членот 8 и став 2. Таму се споменува, дека таа комисија ќе работи врз принципите на науката. Па тоа ние го правиме 80 години. И друго, треба да се почитуваат македонските институции. Да се префрли во институциите. Целата седумгодишна борба, барем на историчарите како еснаф, да се базираме на принципи и наука, а не врз политика. На ниво на институции. Секое кадровско решение ќе ни биде повод за реакција. Не дозволуваме во научната работа да се поставуваат политички ултиматуми. Во Германија и Полска е сведено на научни институти, и взаемно научниците разговараат и се ослободени од политички притисок, вели универзитетската професорка по историја Наташа Котлар.

Проблемите во комисијата се резултат и на нејасната формулација во Договорот за добрососедство каде се упатува на „заедничката историја на двете држави и нивните народи“, без да де спомне македонскиот и бугарскиот народ. Со ова автоматски се отвори патот за Бугарија да си најде алиби за негирањето на македонскиот идентитет и непризнавањето на антифашистичката борба на македонскиот народ – сосема спротивно на членот 11 од договорот каде двете страни се обврзаа дека нема да изнесуваат содржини од непријателски или пропаганден карактер.

Само квалитетен кадар кој ќе работи врз принципи и во рамки на научните институции може да го реши прашањето за историјата и да ги извади македонско-бугарските односи од вртлогот на минатото.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста