Експерти: Овој владин состав нема да опстои, се поизвесни се предвремени избори

Вака набрзина составена Влада нема да донесе никакви промени –  познавачите го критикуваат новиот владин состав на мандатарот Димитар Ковачевски. Ниту старо – новите министри нема да можат да се  соочат со предизвиците, посебно ако се земе предвид економската, енергетската и ковид кризата. Не можеме да очекуваме ниту решавање на спорот со Бугарија.

Вакви сериозни комплицирани прашања како што е прашањето за спорот со Бугарија, бараат перманентни политики – тешко дека тоа ќе може да го направи овој владин состав – коментира аналитичарот Агим Јонуз.

Ова е власт за власт – вака ја коментира Владата на Ковачевски, аналитичарот Владимир Божиновски. Според него, Ковачевски избрал нови личности – сепак, новите имиња само ќе ги продолжат политиките на владејачката коалиција.

Оваа влада се води од девизата, онаа народната „купи-ден помини“. Ветуваа дека ќе ја придвижат Македонија кон ЕУ, но видовме дека тоа не се случи. Ова би го нарекол власт за власт – коментира аналитичарот Владимир Божиновски.

Малку е веројатно дека оваа Влада ќе опстои до 2024 година, кога и  би требало да се одржат редовните парламентарни избори – децидни се упатените. Според нив, ако се земе предвид ваквиот владин состав во комбинација со кревкото мнозинство, предвремени избори стануваат се поизвесни.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста