Експерти: Македонија е под притисок од Запад – цената за евроинтеграциите ќе мора да се плати

Каде што има чад има и оган – вака експертите ги коментираат обвинувањата на српски политичари кои тврдат дека во Македонија од неодамна делува шпионска мрежа што работи на штета на Србија. За поранешниот началник Љубомир Ѓурчевски неспорно е дека српските разузнавачи имаат сознанија дека странски центри на моќ делуваат од Македонија. Притисокот од Запад е силен и Македонија некако ќе мора да ја плати цената за влезот во евроатланските структури, вели Ѓурчевски. Тој порачува дека Владата не смее да ги наруши добрите односи со соседите, вклучително и со Србија.

За Ѓурчевски, актуелните политички случувања во регионот, проблемот со Косово и наклонетоста на земјава кон запад, е причина поради која во последните две години разузнавачките служби од двете земји се во постојана спрега.

Инаку, пред два дена, српскиот парламентарец Милован Дрецун ги обвини македонските власти дека заедно со разузнавачи од Бугарија, Албанија и Германија сакаат да спречат постигнување на договор помеѓу Србија и Косово и да создадат дестабилизација на регионот. Тој посочи дека базата на овие тајни служби, наводно се наоѓала во авто – салон во Скопје.

Ова не е прв пат српските власти да се сомневаат во македонските. Во август 2017-тата, Србија го повлече целиот персонал од амбасадата во Скопје на консултации во Белград, а српскиот претседател Александар Вучиќ тогаш тврдеше дека имале сознанија за многу офанзивно дејствување против органите и институциите на Србија. По неколку недели дипломатите се вратија, а причината за нивното повлекување никогаш не беше до крај расчистена.

Биљана Божиновска