Експерти: Џафери да се откаже од пратеничката функција ако решил да остане технички премиер

Експерти: Џафери да се откаже од пратеничката функција ако решил да остане технички премиер

Талат Џафери мора да си поднесе оставка од функцијата пратеник – уставот не дозволува седење на две столчиња. Експертите предупредуваат дека пратеничката функција е инкомпатибилна со друга јавна функција или професија, а со оглед на тоа што тој мора да ја води техничката влада до изборот на новата политичка влада, ЏАФЕРИ не смееше да дозволи да му биде верификуван мандатот во Законодавниот дом.

Талат Џафери е од вчера пратеник и истиот не може да ја врши и функцијата претседател на влада. Ако Џафери продолжи да ги има двете функции, тој го крши Уставот и останатите правни акти во земјата. Неговата вчерашна изјава дека нема да учествува во работата на Собранието и дека ќе продолжи да биде претседател на влада до изборот на нова влада, покажува непознавање на правото од страна на Џафери, тој нема право да одлучува кога ќе ја врши едната кога другата функција, бидејќи Уставот, но и Изборниот законик императивно утврдуваат дека пратеничката функција е неспојлива со вршење на друга јавна функција, вели универзитетската професорка по уставно право, Тања Каракамишева.

Џафери сам си одлучи дека додека е технички премиер немало да доаѓа во собранието и на тој начин немало да ја извршува пратеничката функција. Иако, со самото верификување на мандатот, тој доби втора функција која е неспоива со ниту една друга јавна функција. Според Каракамишева, не станува збор за право на личен избор на пратеникот, туку за императивна уставна норма.

Уставот не дозволува еден човек да биде носител на две јавни функции истовремено без разлика каква е неговата лична волја во делот на вршењето или невршењето на функциите. Спорно во случајот со Џафери е што е тој носител на две јавни функции истовремено. Во чл. 8 од Изборниот законик стои дека функцијата пратеник е неспоива, меѓудругото, со извршување на стручни и управни работи во органите на државната управа. Владата е на чело на државната управа. Што мора да направи Џафери уште денес? Тој уште денес мора да поднесе оставка на функцијата пратеник. Во спротивно Џафери свесно одлучува да го крши Уставот и Изборниот законик на Македонија, додава Каракамишева.

Не само Уставот и Изборниот законик – и Законот за пратеници е недвосмислен. Според членот 9: „Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Македонија, претседател на министер, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира и именува Собранието и Владата.

Но ова неуставно и незаконско толкување стана пракса, како и во сите претходни изборни циклуси, кога еден човек станува пратеник а има функција и во извршната власт.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста