„Економски лидер“: Шилегов склучил договор со фирма за чистење снег „тежок“ 65 милиони денари
Скопскиот градоначалник склучил договор во вредност од речиси 65 милиони денари со фирмата Аполо Инженеринг за изнајмување на возила за чистење на снег на улици во Скопје во периодот од 15 Ноември до 15ти Март за оваа и наредната зима, објавува „Економски Лидер“.
Според информациите до кои дошол порталот, во оваа сума се вклучени само 40 часа работа на механизацијата на месечно ниво, а се над тоа се плаќа дополнително и оваа сума ќе расте вртоглаво – пишува „Економски лидер“. Според документите што се објавени, само за првите два месеца Шилегов кон фирмата добитник на тендерот исплаќа околу 263.000 евра, а за истиот овој период фирмата има реални трошоци од нула денари заради тоа што немаше снег.
Инаку носител на зимската служба во градот Скопје е ЈП Улици и патишта, основано од Град Скопје. Ова претпријатие има многу стара механизација, пишува порталот, односно преку 40 години е старост на најголем дел од камионите. Но, стара била и механизацијата која ја користи фирмата добитник на тендерот.
-Најголем дел од возилата се со старост над 15 години, најголем дел донесени од Велика Британија, со цена не поголема од 30 000 евра за едно возило, пишува „Економски лидер“.
Се очекува Шилегов да објасни.