Економијата во првите 6 месеци – пропаднати планови поради Ковид-19

Три и пол од 6 месеци стоење во место. Плановите пропаднаа во вода. Кога конечно економијата требаше позабрзано да оди напред, се случи вирусот Ковид-19. Вака отприлика може да се опише економијата во првото полугодие. Стопанствениците не очекуваа спектакуларни резултати, но не сметаа ниту на тоа дека ќе ги затворат објектите, дека приходите ќе им паднат на нула, а некои и дека ќе им пропаднат бизнисите.

Првите два месеци почнаа исто како и лани, но кога на крајот на февруари во земјава се детектираше првиот заболен од Ковид-19, се тргна надолу. Први на удар беа туризмот и угостителството. Кафулињата и рестораните се затворија, туристичките аранжмани се откажуваа. Не застанаа на нозе ниту неколку месеци подоцна. Бараат поголема поддршка.

Се делеа откази. До крајот на јуни без работа останаа 18 и пол илјади луѓе. Работниците алармираа дека се кршат работничките права.

За да застанат на нозе и полесно да се справат со последиците од вирусот врз економијата, фирмите добија помош за исплата на плати, а граѓаните картички и ваучери за одење на одмор во домашните летувалишта. Некои од нив, на пример, средношколците и студентите се уште не добија помош. Се пролонгираа кредитите, сметките за комуналии, но долговите стојат. Сето тоа ќе стигне за наплата веќе на есен, а решенијата за извршување ќе стигнат за наплата кон крајот на месецов кога ќе продолжат со работа извршителите.

Очекувано, кога граѓаните и фирмите немаа пари, државната каса не се полнеше според плановите. Буџетските приходи во првите 6 месеци беа пониски за 9%, а расходите скокнаа за речиси 10%. Дефицитот се продлабочи на 420 милиони евра. Се позајмуваа пари од странство, а јавниот долг на крајот на јуни надмина 53% од БДП. Рецесијата е на повидок. ММФ излезе со проекции дека македонската економија ќе ја заврши годинава во минус од 4%.

Тања Попова