Економијата расте, невработеноста паѓа, индустријата губи работници, иселувањето забрзува

Додека Владата се фали дека се отвораат нови работни места, бројот на работници во индустријата паѓа. Во јануари, во овој сектор работеле за 3,2% помалку работници споредено со истиот месец лани. Во услови кога престана да работи една од најстарите текстилни фабрики во земјава „Тетекс“, а голем број на граѓани сериозно размислуваат за преселба откако Германија ги олесни условите за работа, од Владата уверуваат дека ова бил краткотраен тренд. Министерката за финансии смета дека е добро тоа што индустријата како сектор има се поголемо учество во вкупното производство.

Невработеноста пак, лани, се намали на 16,6%, додека економијата порасна за 3,6%, што ги надмина владините проекции. Најголем придонес кон растот имале бруто инвестициите од 6,6%. Лани многу била зголемена и јавната потрошувачка за 4,5%, што е многу повеќе отколку во 2018-та. Кај домаќинставата се забележува стабилен раст на трошењата од 3,5%, додека увозот за првпат во последниве неколку години растел со поголема динамика од извозот со 9, наспроти 8,3 отсто.

Во владата се задоволни од бројките. Сепак, 2020-та почна со лоша реализација на капиталните инвестиции односно 1,67% од вкупно планираното за цела година. Ангеловска е задоволна од полнењето на буџетот во јануари и покрај тоа што за разлика од ДДВ, глобите, таксите и придонесите има ниска наплата на данокот на добивка.

Владата лани го скрои буџетот за годинава врз основа на проекции за економски раст од 3,8%. Тогашниот премиер Зоран Заев беше оптимист дека стопанството има сили и за раст од 4%. Предизборно на крајот на 2016-та ветуваше 5% економски раст, минималец од 16 илјади денари и просечна плата од 500 евра до крајот на мандатот годинава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста