Економијата нема да „пркне“ до третиот квартал 2020 година

Стопанствениците не очекуваат дека економијата следната година ќе има поголем раст од досегашниот. Очекувањата на Народната Банка од 3.8% и на Владата од над 4% за нив се неостварливи. Изборите го кочеле стопанството, а 2020-та нема да биде исклучок – сметаат тие.

Бизнисмените велат кај крупните проекти што се реализираат на подолг рок веќе се забележувал застој. Од буџетот очекуваат капиталните инвестиции да се проектираат на соодветно ниво, а не да се „напумпаат“ , па да се кратат со ребаланс за раст на плати или пензии, или како финансиска инјекција за презадолжените оштини.

Бизнисот алармира и дека исплата на минималната плата, без субвенции од државата може да биде проблем за голем број фирми, особено во декември, месецот во кој треба да ја исплатат повисоката ноемвриска плата. Законот за субвенции за минималец и покрај најавите се уште не е изгласан во собранието.

Тања Попова