Економијата изгуби поради прогресивецот, подигнатиот праг за онлајн пратки ќе ја зголеми сивата економија

Поради експериментот со прогресивниот данок, економијата изгуби цела година. Сметководителите негодуваат дека и покрај тоа што побарале Владата навремено да ги информира за сите даночни промени, тоа не се случило. Токму сега, кога ги подготвуваат завршните сметки и финансиските извештаи, надлежните решиле да воведат изменет образец за даночен биланс. Промените во „5 до 12“ им ја отежнуваат работата, а УЈП не секогаш е подготвена и со документи и со кадар.
Додека министерството за финансии се фали дека подигањето на прагот за царинење на онлајн пратки од 45 на 90 евра ќе ја раздвижи интернет трговијата, сметководителите тврдат дека со ова само ќе се поттикне сивата економија. Ништо немало да ги спречи луѓето во земјава да ги препродаваат стоките нарачани од странство. Ќе се намалела наплатата на даноци и ќе се зголемел одливот на девизи.
Сметководителите се и против зголемувањето на придонесот за пензиско осигурување. Велат, не е начин да се пополни дупката во државниот пензиски фонд со тоа што ќе се удри врз оние што редовно плаќаат придонеси, додека голем дел од кадарот е непријавен.
Сметководителите апелираат и до колегите да не прифаќаат да го пополнуваат Регистарот на вистински сопственици кој треба да стартува од февруари. Тоа било обврска на одговорните лица во компаниите.
Тања Попова