Еколошката такса е извесна, кој ќе контролира за што се трошат парите?

Еколошката такса, со која Владата сака да ја зголеми цената на горивата за 4,13 денари по литар, ја бранува јавноста со денови. Власта бара драстично зголемување на оваа давачка, без да покаже анализа зошто зелената такса, која и до сега ја плаќавме, енормно се зголемува – алармира екс министерот за животна средина, Марјан Додовски. Според него, доколку навремено би се одвојувале реални средства за реални проекти немало да има потреба, сега целиот товар од еколошката такса да падне на грбот на граѓаните. 

Се бара зголемување на еколошката такса, драстично многу големо зголемување, без притоа да излезат со одредена анализа. Зошто толку се зголемува, како е направена таа проценка дека од 0,15 треба да се покаже на 3,65 денари од литар? Каде ќе биде отчетноста за тие финансиски средства? Каде ќе биде контролата за тие финансиски средства и како ќе бидат тие финансиски средства распределувани?-рече Додовски во емисијата „Заспиј ако можеш“.

Граѓаните ќе плаќаат зелена такса, но дали парите ќе завршат на вистинското место?

Ние говориме за финансиски средства по основ на еколошка такса а пари нема да одат во буџетот на министерството за животна средина, туку ќе одат во буџетот на државата на Република Македонија. Односно во буџетот на министерство за финансии?  Ова отвара дилеми дека овие средства може ќе бидат наменети за други цели или други активности. И за изминатата 2020 година по основ еколошки такси, по основите кои ги напоменав, во министерство за животна средина влегле околу 1,2 милиони евра, а додека за оние останати еколошки такси, 4,6 милиони евра се на сметка на министерство за финансии.  МЖС секоја година објавува одредена програма за финансирање на дел од проекти но, не за сите овие финансиски средства. Каде навистина одат тие пари, навистина нема отчетност од тие средства-рече Додовски.

Според Додовски, решението е фонд за животна средина, кој ќе може ваквиот проект да го стави во функција,  за здравјето на граѓаните и здрава животна средина. 

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста