ЕК: Вакцините од Ковакс недостапни до лето, земјите кои не се членки на ЕУ ќе се снаоѓаат како знаат

Вакцините од „Ковакс“ недостапни до лето. Земјите кои не се членки на ЕУ ќе можат да набават кинески и руски вакцини. Европската комисија останува со „кренати раменици” за конкретниот датум – кога ќе има вакцини за земјите од Западен Балкан. Прогнозите не се ни малку добри. Ковакс – системот за кој Македонија најмногу се надеваше,не се очекува да профункционира пред лето, истото сценарио се предвидува  и за Европскиот “солодарен – механизам”. Кочницата за набавка на анти-ковид вакцини преку овие два механизми – ги остава сами на себе земјите кои не се дел од ЕУ, да се снаоѓаат како знаат и умеат. Ова важи и за Македонија. Практично, сега Балканските  земјите од Западен Балкан ќе бидат приморани да склучат директни договори со фармацевтските компании за да добијат вакцини, а за тоа Европската Унија не може да им забрани па дури да ги набават кинеските или руските вакцини, кои засега не се одобрени во ЕУ.

Размислува ли Македонија сега за набавка на вакцини од Русија? Од Министерството за здравство не добивме одговор на ова прашање. Иако, земјава според последните најави на здравствените власти преговара за 200.000 вакцини од кинеската компанија Синофарм. Но и за овие дози нема детали околу договорот, кој ќе ги увезе и по која цена ќе бидат платени.

Инаку неодамна, премиерот Заев уверуваше дека Македонија како членка на НАТО заинтересирана е за вакцините од западните производители.Од тие земјава нема добиено ниту една доза.

„Имаме непријатно чувство затоа што целиот Западен Балкан каска, освен Србија која што нема аспирации за НАТО и нормално е повеќе отворена према Источниот свет Кина и Русија и ги прави своите договори. А, ние сме нова земја членка на НАТО генерално се држиме кон Западниот свет и вакцините кои што се од Западните здравствени и сите институции потврдени и слично“, нагласи Заев.

Засега, останува Македонија да се надева на вакцини од Ковакс преку кој земјава очекува 833.000 вакцини. Уште 800 000 Министерството договорило со Фајзер, а 200.000 е количината за која преговараат со Синофарм. Колку и кога точно ќе ги добиеме – засега, никој не знае.

Ања Василева

Advertisements