„Ех, што сте“: Заев тврди дека никогаш не кажал нешто што кажал- дека Вучиќ е националист

За премиерот Заев смешно беше прашањето на Алфа- дали се уште смета дека српскиот претседател Александар Вучиќ е националист. Додека Македонија се уште ја чека помошта од, како што ги нарекува Заев, пријателските и братски Бугарија и Грција, првите дози од неопходните вакцини пристигнаа од Србија. Прегратките со Борисов и Ципрас не вродија со плод, но затоа „националистот„ Вучиќ дојде до Скопје да ни донесе лек. Премиерот Заев, пак денеска тврди дека такво нешто не рекол.

-Немам кажано јас изјава за националист или слично, секој пат сум ги почитувал политиките и на сите соседи, на сите партнери на државата. Српскиот народ уште еднаш покажа големо пријателство, и претседателот Вучиќ исто така, премиерката Брнабиќ, министерот Лончар, Вукашин и сите кој навистина посветија денови за да може да се испорачаат вакцините Фајзер, изјави Заев денеска.

И покрај тоа што Заев вели дека такво нешто не кажал, тука е доказот во  интервјуто дадено за српски Курир на втори мај 2017-та година. Тука се гледа како го кажува токму она што вели дека никогаш го немал кажано.

-Затоа што во Србија постои исто така националистичко раководство, тоа е раководството на Вучиќ, кој што се декларираше себеси како лидер во регионот. Но, првата прилика кога дојде да биде загрозена неговата политичка кариера, се покажаа сите негови национални позиции, изјави Заев во мај пред четири години.

Првите 4.680 дози од вакцината Фајзер, кои на Табановце пристигнаа од соседна Србија, ќе бидат искористени да се вакцинираат тие штио во моментов се на првата линија на фронот со короната, а тоа е медицинскиот персонал.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста