Едноставни совети како да се намали ризикот од заразување од коронавирусот

Повеќе од 10.000 активни случаи, и за жал помината и психолошката граница од 1.000 смртни случаи. Ваков е загрижувачкиот корона биланс во Македонија.

Од пред неколку дена во Македонија цело време кога сме надвор мораме да носиме маска на лицето. Но, како правилно да ја ставаме, носиме и вадиме маската погледнете во наредните неколку минути.

Како да го намалиме ризикот од заразување, совет побаравме од доктор Ирена Витановска.

-Маската ако се вади гледаме да е чиста, со чисти раце да се извади и се допира само на горниот дел и потоа ја ставаме прво на нос, после на уста, брадата треба да биде заштитена и носот исто така, устата така заштитена, вели Витановска.

Носењето маска на лактот во текот на корона пандемијата како да стана еден вид мода, што никако не е препорачливо. А маската не смееме да ја носиме ниту во џеб или ташничка, туку на пример во чиста ќесичка.

-Тоа не е хигиенски, затоа што секако може да се извалка таа маска и тогаш што сте ставиле на лице, сте ставиле разно разни бактерии, вели Витановска.

А како полесно да ја носиме маската сега кога мораме цело време додека сме надвор. Витановска советува многу едноставно, со обично палома марамче.

-Затоа што мека марамица ќе ја впие цела влажност од устата, полесно ќе дишат и нема запурени да бидат во лицето. Затоа што можат кожни инфекции па да се појават на лице. Исто така важи и за вакви какви што ги носат граѓаните да се стави една марамица и маската е ставена, вели Витановска.

Во период кога доаѓаат пониски температури, а луѓето мора да одат на работа, доктор Витановска советува што почесто да се проветруваат просториите.

-Значи проветрување на просторија и не повеќе од две, три до четири лица. Ако се зголемува бројот на присутни во една затворена просторија се зголемува и ризикот за инфекција, зошто секој пат може да постои еден кој што ќе пренесе инфекција, вели Витановска.

Заразата најлесно се шири низ кафулињата и рестораните. Токму поради ова покрај почитувањето на мерките, Витановска советува особено младите да бидат многу внимателни, бидејќи покрај себе можеме да ги заразиме и своите најблиски.

-Би требало младите да бидат повнимателни да не излегуваат, има многу внимателни деца кои си учат работат и пазат. Меѓутоа, има веќе гледавме некоја снимка во центар на град, некаде на некоја забава кај што се урла без маски, тоа е потполна невнимателност, вели Витановска.

Што се однесува до имунитетот не постои волшебна формула, според препораките од лекарите на организмот можеме да му помогнеме со земање на одредени додатоци во исхраната. Препорачуваат витамин Д, цинк, витамин Ц, но ништо од ова во преголеми количини.

Со овие неколку едноставни совети, ризикот да се заразиме се намалува, а штитејќи се себеси ги штитиме и другите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста