Едно пред камера, друго во соопштение- ЗНМ се заплеткува во случајот „добро, зошто?“

Едно пред камера, друго во соопштение- ЗНМ се заплеткува во случајот „добро, зошто?“

Едно писмено, друго пред камера. Во само неколку часа, два различни ставови. ЗНМ и ССНМ преку соопштение бараат извинување од Богдан Илиевски, пред камерата на Алфа спуштање на топката. Откако претходно побараа кривична одговорност поради објавата на Фејсбук и реакциите под неа, во која Илиевски сподели кратко видео од интервју од друга телевизија на кое пишуваше само „Добро, зошто?“.

Преку соопштение денеска побараа извинување на новинарот и автор на емисија на Алфа, велејќи дека станува збор за јавна личност од национална телевизија.

-Очекуваме Богдан Илиевски јавно да ѝ се извини на Лепа Џундева за веруваме ненамерниот потег од негова страна кој предизвика неприфатливи коментари кои се насочени кон неа во изминатите денови на социјалните мрежи. Тоа ќе биде потег кој ќе придонесе во смирување на непотребната тензија која настана, како и гест кој неминовно ќе го поздравиме, се вели во соопштението од ССНМ и ЗНМ.

Во писмената реакција на ЗНМ не е објаснето како е дојдено до заклучокот дека Богдан Илиевски имал, како што се тврди, „јасна намера“ да поттикне говор на омраза и закани кон новинарката. Обврска на тој што некого обвинува дека сторил кривично или друго со закон казниво дело, е да докажува. Во случајот, докажувањето на „јасната намера“ е клучно. Проблемот очигледно е во тоа што е буквално невозможно во двата збора во Богдановиот коментар да се детектира било каква, а најмалку „јасна намера“.

Само неколку часа по објавувањето на ова соопштение, сосем друга реторика на првиот човек на ЗНМ. Младен Чадиковски вели воопшто не мислеле на Илиевски, туку за еден од коментарите под неговата објава.

-Значи сакам да расчистиме една работа, пријавата на ЗНМ до Министерството за внатрешни работи е за коментарот, односно за лицето од коментарот оставен под постот кој што беше напишан, а не за Богдан Илиевски. Само сакам да дополнам, бидејќи на некој начин тоа се спинуваше во јавноста, што навистина не е добро или се создаде недоразбирање во јавноста, еве добра прилика сега тоа да го расчистиме, изјави Чадиковски.

Но, и самите објави на ЗНМ поттикнуваат говор на омраза. Пред неколку дена токму на оваа тема на нивниот профил на социјалните мрежи имаше коментар кој гласеше „Тој Богдан, Бетмен треба да биде запален на клада“. Првиот човек на ЗНМ вели дека не реагирале се уште, бидејќи коментарот бил кратко објавен, па го виделе многу доцна.

-Јас проверив утрово со моите колеги од канцеларијата, бидејќи ние сите постови кои што содржат говор на омраза би бришеме веднаш. Според нашите сознанија тој коментар стоел само една минута и веројатно поставувачот самиот го избришал. (ЗНАЧИ НЕМАТЕ ПРИЈАВА?) Не, тој коментар ние го немаме видено, го видовме отпосле, меѓутоа ќе го пријавиме и го осудуваме јавно секој говор на омраза, изјави Чадиковски.

Инаку, Илиевски најави дека ќе ги тужи ЗНМ и ССНМ за клевета откако го обвинија за наводно поттикнување говор на омраза. Вели сакаат да воведат цензура и полиција на мислите, поради тоа бара симболична оштета од 1984 евра, како насловот на познатиот дистописки роман на Џорџ Орвел, во кој слободата на мислата и слободата на говорот се забранети.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )