Едни губат, други добиваат: Кој колку пратеници ќе имаше ако имавме една изборна единица во 2020-та?

По еден пратеник помалку би имале коалицијата СДСМ и БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, доколку на парламентарните избори во 2020-та година се гласаше по моделот една изборна единица.

Така владејачката коалицијата би имала 45 наместо 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ наместо 44 би имале 43, ДУИ 14 наместо 15, додека Алијанса и Алтернатива наместо 12 би имале 11.

Најголем добитник во овие математики би била Левица со плус три пратеника, односно наместо сегашните два би имале пет. А едно пратеничко место во законодавниот дом би добила и Интегра на Љупчо Ристовски. Ништо ниту би добил ниту би загубил Мендух Тачи и неговата ДПА, тие би останале со едно пратеничко место.

Ова го покажува симулацијата околу тоа какво Собрание би добиле доколку ги земеме резултатите од парламентарните избори во 2020-та година. Овие бројки доаѓаат доколку покрај една изборна единица би немало ниту изборен праг. При изборен праг од на пример три проценти, кој се споменува во политичките кулоари, без своите места во Собранието би останале ДПА и Интегра, кои освоија 1,53 проценти, односно 1,39 проценти.

На последните парламентарни избори нешто повеќе од 325 илјади гласа имаше коалицијата на СДСМ и БЕСА, ВМРО- ДПМНЕ освои 315 илјади гласови, речиси 105 илјади граѓани довербата ја дадоа на ДУИ, за Алијанса и Алтернатива гласаа речиси 82 илјади, нешто повеќе од 37 илјади гласови доби Левица, 14 илјади ДПА, додека пак Интегра имаше нешто повеќе од 12 илјади гласови. Сите други партии останаа под 5.00 гласови.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста