Eдна година живот со вештачко срце – Горан Спиров вели живее како нинџа-желка, но среќен е што е жив!

Четириесет и седумгодишниот штипјанец Горан Спиров, се буди, заспива и веќе една година живее со овој звук. На чукањето на вештачкото срце, веќе се навикнал, но вели „сега сум како нинџа желка, но среќен сум што сум жив“.

Иако вози автомобил, патува и речиси нормално функционира со ранчето во кое е сместен апаратот, тежок 7 килограми, без кој не може да живее, Горан едвај чека да има ново срце кое наместо надвор од неговото тело, ќе чука во неговите гради.
-Сега за сега е добро, а уште подобро ќе ми биде со ново срце, вели Спиров.

Неговиот лекар, проф. д-р Александар Николиќ, шеф на одделот за кардиохирургија во „Аџибадем Систина“, кој минатата година, заедно со тим од оваа клиничка болница, му даде на Горан нова шанса за живот, вградувајќи му целосно вештачко срце, е задоволен од добрата здравствена состојба на неговиот пациент. Изрази надеж дека токму тој ќе ја направи трансплантацијата на ново срце во идина, иако засега, законската регулатива, не дозволува ваква операција во приватна болница.

-Се надевам дека ќе има можност што побрзо да се изврши таа трансплантација. Ние сме технички и кадровски подготвени, единствено законите не спречуваат во тоа. Моменталните закони овде, не дозволуваат приватните болници да вршат трансплантации. Ова треба да се промени, а веќе е променето во целиот свет, во Америка, во Еврoпa, вели Проф. д-р Александар Николиќ.

Горан е првиот пациент на кого му беше вградено целосно вештачко срце во Македонија. Ова е најтешката и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата.

Механичкото срце се напојува со батерија, којашто, пациентот ја носи во специјален ранец на грб. Вградувањето механичко срце е тренд во светот бидејќи тешко се доаѓа до донорско срце.

Сања Трајковска Ставров