Една година , три „вета„ – бугарското не останува непремостива пречка на патот кон ЕУ

Од братски прегратки и позитивни сигнали до молења и силно спуштена рампа на македонскиот интегративен пат. 12-те месеци турбулентен период во македонско- бугарските односи не донесоа ниту најмала позитивна промена во билатералните односи – напротив само заладување на комуникацијата и низа ултиматуми за тргање на бугарското вето. Ако во 2020-та уверувањата беа дека годинава е клучна за напредок во преговорите, ни од далеку не се остварија прогнозите на македонските челници. Падот од власт на Бојко Борисов значеше и дополнителни проблеми за неговиот пријател Зоран Заев. Иако официјална Софија исцрта црвени линии од кои не отстапува , македонскиот  оптимизам растеше и во услови на техничка влада во Бугарија која јасно даде до знаење дека шансите да се вклучи зелено светло за почеток на преговори со ЕУ се никакви.

Годината што измина започна со Анекси од Бугарите на Договорот за добрососедство кој овде беше чуван како државна тајна….неколку месеци потоа од Анекси беа испорачани категорични 5+1 барање со кои Македонија мора да направи сериозни отстапки… Три изборни циклуси во Бугарија и исто толку пропаднати шанси за Македонија. Шефот на бугарската држава Румен Радев и  по неговиот реизбор нема намера да отстапи од кажаното – Бугарите да станат рамноправен народ со Македонците во нашата земја.

И не само што за власта на чело со Заев нема ништо спорно од тоа Бугарите во Македонија да ги добијат сите права , премиерот не гледа ништо спорно и во тоа бугарските фашисти кои пишувале црни страници во македонската историја да бидат целосно избришани од учебниците, а бугарскиот окупатор како термин воопшто да не постои.

Решението кое беше најавено по изборите и тука и во Бугарија пукнаа како надуван балон. Новата власт на чело со Кирил Петков првично најави решение за шест месеци, но и навидум омекнување на реториката кон Македонија. Експресно беше нападнат од тамошните политичари, дека бугарската позиција не може да биде променета. Македонските политичари пак во неможност да манипулираат со ваквата ситуација побрзаа да се оправдаат дека времето е долго , а кредибилитетот на ЕУ ставен под голем знак прашалник, но признаа дека Македонија дала одговор на сите бугарски барања.

И Заев и Мицкоски ветуваа европска иднина по изборите. Едниот вети, имаше шанса и не ја искористи, другиот не доби прилика.

Опозицијата сепак преку Резолуција во Собранието успеа да ги постави македонските црвени линии, кои значат запирање на негацијата на македонската историја, јазик и народ.

За ваквиот став доби и поддршка од власта, но делувањето во преговорите ни од далеку не значи придржување до она на што беше ставен и параф….

Додека македонските политичари тактизираа за историските барања од страна на Бугарија, историската комисија доживеа крах …Нема донесено решение, но дополнително оган на целата ситуација долеа заминувањето на еден од членовите кој јавно обзнани дека власта преку високи функционери врши притисок за носењето штетни одлуки за националните интереси.

Евроинтеграцијата во текот на целата година беше во фокусот, но печатот на македонскиот дипломатски крах дојде во последните месеци од 2021 кога стана јасно дека во овој дел ќе има негативен предзнак. Одлуките на европските тела поради бугарското вето го вратија Заев во реалноста, но за него овие грижи сега се минато по оставката која ја констатира Собранието

Во 2021 новиот мандатар Димитар Ковачевски ќе треба да му ја мисли како ќе ги неутрализира максималистичките барања на Софија.  Или веќе можеби се е решено, а народот не знае? Ако се суди според последните пораки на Груби, Османи, па и Заев – кои повторуваат дека одговорите на 5+1 за Бугарија се испратени, јавноста веќе стравува дека можеби уште еден удар не чека во првите денови од новата година.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста