Еди Рама со повик до Албанците да се попишат- стана ли македонскиот попис нациолано прашање на Албанија?

Со оваа фотографија албанскиот премиер Еди Рама ги повика македонските Албанци во дијаспората масовно да се попишат на пописот во Македонија. Попис кој по се изгледа наместо статистичка операција, стана албанско национално прашање. Првиот вицепремиер на Македонија, Артан Груби, својата турнеја со цел агитирање за пописот ја продолжи во Тирана, и тоа во кабинетот на премиерот на државата.

Пред главниот град на Албанија, Груби беше и во Косово, каде се сретна со високи политички фигури, а главна тема на разговор нормално бил пописот. Во видео објавено на својот фејсбук профил, поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај, со Груби зад него, испраќа повик Албанците масовно да се попишуваат на пописот во Македонија.

-Овој пат треба сите да бидеме заедно, да го подржиме и помогнеме во попишувањето на Албанците во Северна Македонија, особено оние кои што се во Дијаспора. Станува збор за лесен и јасен процес, и правејќи го овој чин, односно попишувајќи се тие си помагаат себеси, нивните семејства и татковината, во овој случај и целиот регион, порача преку видео порака Харадинај.

Инаку, покрај пописот, Груби говореше и за темата признавање на Косово, велејќи дека е тоа приоритет за Македонија, па за тоа од македонска страна се лобирало дури и во Шпанија.

-Апсолутно да, прашањето за Косово е на приоритетната листа на господинот Османи, исто така е приоритет на нашата партија како учесник во Владата на Република Северна Македонија. Разговаравме за ова со госпоѓата Вјоса Османи, дека секогаш ќе ја имаат нашата поддршка, без разлика дали сум јас како заменик-премиер, или министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и на Али Ахмети, бидејќи Косово е наш приоритет, изјави Груби.

А освен оваа изјава на Груби од Владата молк, нема одговори на прашањата што правел Бујар Османи во Шпанија, дали тема на разговор било признавање на Косово. Токму за ова Алфа го праша премиерот Зоран Заев, кој за одговор не упати на владиниот сајт, каде пак немаше ништо околу ова прашање.

-Добро дадовме детален одговор од Владата, во координација секако со мене. Немам нешто повеќе да дополнам, тоа е одговор кој вчера го соопштивме од името на Владата…. Објавено е јавно од страна на Владата, ве молам само на веб страната на Владата ќе го добиете детално одговорот, изјави Заев.

Покрај со Рама, Артан Груби во Тирана остварил средба и со првиот човек на Албанија Илир Мета, а една од темите на разговорот бил и пописот на населението, се вели во соопштението од кабинетот на првиот вицепремиер.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста