Демант и извинување – Eвроконсалтинг имал лиценца за надзор на објекти од прва категорија

Евроконсалтинг сепак имала лиценца за надзор, била обновена на 5-ти март, три дена пред потпишувањето на договорот за коридорите 8 и 10Д.

Иако во Централниот регистар се уште стои дека лиценцата е истечена, компанијата, преку правен застапник, ни ја достави на увид обновената дозвола која има важност до 2030-та година.

Имено, оштетениот во моментот на потпишување на договорот не бил со истечена лиценца за надзор на изградба на градби од прва категорија туку истата е продолжена со Лиценца А за надзор на изградба на градби од прва категорија од Министерството за транспорт, велат од Адвокатската Канцеларија Елена Добреска

Од правниот тим на компанијата од Алфа бараат извинување и за нарушување на угледот на Бранислав Димитријевиќ зашто сме кажале дека се бара со меѓународна потерница за криминал во Ерменија, а тој, според неговите адвокати, имал чисто уверениезаказнена и кривична евиденција.

Оштетениот за основач го има лицето Бранислав Димитријевиќ како што е наведено во текстот во ова Барање, а објавен од Ваша страна на Вашиот портал и истото лице има чисто Уверение за казнена и кривична евиденција па во таа насока треба да ја почитувате пресумпцијата на невиност и за истото лице се додека не биде осудено со правосилна одлука да не го нарушувате неговиот углед, додаваат од адвокатската канцеларија.

Во претходно објавениот текст, Алфа се повика на податоците од Централниот регистар, каде во тековната состојба за фирмата се уште стои дека лиценцата А за надзор на изградбата на градби од прва категорија од Министерството за транспорт и врски била со важност до 4-ти март 2023 година.

Евроконсалтинг е една од трите фирми кои го добија 22 милионскиот тендер за надзор на автопатите а кој се поврзува со сомнежи за криминал и корупција. Институциите како пинг понг топче си ја префрлаат одговорноста за чешлање на целата процедура, а Владата постојано повторува дека се било согласно закон.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста