Џафери се правда за скандалозното гласање – опозицијата бара начин да ги поништи спорните Закони

Собранискиот спикер се правда за вчерашното скандалозно гласање во Парламентот – опозицијата бара начин како да ги поништи Законите.

„Не е крај на светот ако сум згрешил“ – вака првиот парламентарец Талат Џафери се правда за Законот за советот на јавни обвинители, за чие гласање побара бадентерово мнозинство, а откако не го доби, законот сепак го прогласи за усвоен. Поништеното гласање, пак, за Законот за јавно обвинителство вели било поради технички проблем.

„Најнормално е човек во таква атмосфера, во такви услови да направи грешка, тоа не е нешто од кое произлегле последици. Законот беше изгласан без Бадентер, така како што е пропишано“, вели Џафери.

Од опозициската ВМРО ДМПНЕ најавија дека двата спорни закони, ќе ги оспорат пред Уставниот суд. Правниот тим на партијата ќе разгледува и други можности.

„Долго време бев пратеник и како пратеник ваква работа се нема случено. Закон да не биде изгласан, а претседателот да каже ова не важи затоа што не ни одговара. Сметам дека Уставниот суд е една институција која мора да се изјасни по оваа работа“, вели потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Николоски.

Експертите по право едногласни – одлуката за повторено гласање нема никаква заснованост во деловникот и како таква е неуставна.

„Предлог законот за ЈО не беше изгласан бидејќи не го доби потребното мнозинство од 80 пратеници и немаше можност за повторено поименично гласање. Одлуката за повторено гласање и самото повторено гласање немаат никаква заснованост во Деловникот, односно истите се нелегални“, вели за Алфа, Александар Спасеновски – поранешен пратеник и професор по право.

И професорката по уставно право Каракамишева на иста линија – вели Деловникот на Собранието не предвидувал поништување на веќе спроведено гласање, а Џафери немал право да го поништи гласањето откако ја затворил расправата и точката ја ставил на гласање.

За овој преседан, реакција од меѓународната заедница побара и професорот Димитар Апасиев.

Реакциите доаѓаат откако законот за јавно обвинителство во Собранието беше усвоен со 80 гласа ЗА, но на повторено гласање, откако претходно спикерот Џафери го поништи првото гласање каде не беше обезбедено потребното 2/3 мнозинство.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста