Џафери сака да ги закопа предлозите на ВМРО – ДПМНЕ околу Законот за јазиците

Пратениците Албанци не се расположени за менување на веќе донесениот Закон за употреба на јазиците – и порача на опозицијата собранискиот спикер Талат Џафери. И покрај сериозните забелешки на Венецијанската комисија, Џафери денеска ги потсети пратениците од ВМРО – ДПМНЕ дека Законот бил донесен со двојно мнозинство, посочувајќи дека без Бадентер измените нема да поминат.

„Сметам дека ниеден предлагач кој и да е, во однос на евентуални дополнувања на Законот за употреба на јазиците, нема да најде соодветна поддршка кај пратениците Албанци, имајќи предвид дека тие го сочинуваат двојното мнозинство. Во дадениот момент мислам дека таква подготвеност кај пратениците Албанци не постои“, вели претседателот на Парламентот, Талат Џафери.

Првиот парламентарец е дециден – укажувањата на Венецијанската комисија не биле обврзувачки, а институциите биле должни да обезбедат инфраструктура за да ги спроведат законите.

Од опозицијата пак алармираат – Владината коалиција не смее да си поигрува со европската иднина на државата. Бараат поддршка за предлог измените доставени од ВМРО – ДПМНЕ и усогласување на Законот со препораките на Венецијанската комисија.

„Решенијата во Законот за јазици се неприменливи и го нарушуваат основното право на правично судење во разумен рок. Венецијанската комисија утврдува и дека треба да се ревидира членот 3 кој ја регулира интерната и институционалната комуникација или истиот да се одложи“, рече пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Драган Данев.

Премиерот Заев веќе најави дека препораките на Комисијата ќе се почитуваат. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пак со поинаква реторика – вели Законот нема да се менува.

Инаку, Венецијанската комисија во својот заклучок нотираше дека Законот за употреба на јазиците излегува од предвидените европски рамки, а клучни беа нивните забелешки во делот на правосудството и казнените одредби.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста