Џабе промена на името, за НАТО и натаму сме МК Скопје

NATO Chiefs of Defence and General André Lanata, NATO Supreme Allied Commander Transformation

МК СКОПЈЕ МОД – со оваа кратенка беше потпишано првото учество на македонската делегација на редовното заседание на Воениот комитет на Алијансата. И покрај тоа што Македонија го смени името со додавката Северна, на видео настанот на кој се појави началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, не пишуваше ниту Северна Македонија, туку само кратенката која означува МК Скопје Министерство за одбрана, додека сите други беа потпишани само со имињата на нивните држави.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски вели оти земјава веќе била примена во НАТО семејството под уставното име, па одби да го коментира вчерашниот пропуст.

„Република Северна Македонија ги оствари своите стратешки опредеелби, стана 30-та земја членка на НАТО и притоа преку договорите ги обезбедивме и македонскиот идентитет и македонскиот јазик и се задржа кодот МК и МКД. И тој код е запишан во нашата лична карта во ОН“, вели Спасовски.

Од Генералштабот појаснуваат – ознаката МК Скопје МОД била само технички назив при логирањето на конференцијата во услови кога врската не е доволно стабилна.

„По стабилизирање на врската кое е во траење од 30 до 60 секунди, истата се заменува со уставното име на нашата држава, Република Северна Македонија, кое стои до крајот на конференцијата“, велат од Генералштабот на АРМ.

Сепак, на самиот старт од видео врската, сите други учесници на конференцијата, освен Македонија беа најавени имињата на државите. Па така, за началникот од Полска, пишува дека доаѓа од Полска, за тој од Романија пишуваше дека е од Романија, за учесникот од Црна Гора, исто така пишуваше дека доаѓа од Црна Гора.

Уставното име на државата, кое Владата на СДСМ го смени пред две години, под изговор оти токму тоа ќе и ги отвори вратите на Македонија кон евро-атланските структури, не е споменато ниту на веб страницата на ОБСЕ. Во делот во кој мисијата објаснува каде има регионални канцеларии, наведени се речиси сите држави од регионот, но за нашата земја го пишува само името на главниот град, Скопје.

Биљана Божиновска

Advertisements