Двојно убиство во Скопје рано утрово

Двојно убиство во Скопје рано утрината. Две лица од главниот град  на возраст 24 и 28 години се пронајдени мртви во автомобил по пријава дека на булеварот.„Македонско – Косовска бригада“ се слушнало пукање.

Според последните информациите на МВР, изутрината во 2:35 часот во СВР Скопје било пријавено пукањето во населбата Топанско поле, а откако полицијата дошла на местото на настанот, пронашла патничко моторно возило „Цитроен“ со скопски регистарски ознаки и две лица кои не давале знаци на живот.

– Од страна на лекар од Итна медицинска помош била констатирана смрт кај двете лица. Пронајдени се чаури од огнено оружје (пиштол и автоматска пушка). Утврден е идентитетот на лицата А.Б.(28) и Б.В.(24), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот, велат од МВР.

Жителите на скопската населба не слушнале пукање и пред камерата на Алфа велат за двојното убиство слушнале од телевизија.

Зачестија нападите со огнено оружје во главниот град, и се почесто се доведува безбедноста на скопјани во прашање. На први март во скопската населба Ѓорче Петров беше пукано од патничко моторно возило во синот на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи кој се здоби со прострелна рана во левата натколеница. Осомничен беше косовски државјанин кој  по краткотраен притвор од 48 часа беше пуштен на слобода, бидејќи најдените ДНК траги во возилото не биле негови.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста