Двојно повисок данок за дизелашите отколку за бензинците

Двојно повисок данок за дизелашите отколку за бензинците. Владата денеска ја усвои Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила. Од стартот на 2020-та, данокот на возилата во вредност до 10 илјади евра ќе се пресметува исклучиво според емисијата на јаглерод диоксид. Од министерството за финансии објаснуваат дека возилата со вредност до 10.000 евра и емисија на ЦО2 од 130 грама на километар, ако возат на бензин, ќе подлежат на данок од 6.500 денари, додека за дизелашите данокот ќе биде двојно поголем или 13 илјади денари.

Импортерите на нови возила и сопствениците на автоплацевите претходно изразија сомнеж дека со оваа мерка ќе се обнови драстично возниот парк. Велат разликата од само 100 евра во данокот за дизелашите споредено со бензинците нема да ги натера луѓето да купуваат поеколошки возила. Освен тоа, со ова не се решава огромниот број на постари возила кои се вклучени во сообраќајот секој ден.

Импортерите негодуваат и поради тоа што за разлика од електричните автомобили што ќе бидат ослободени од давачки, тоа не важи за хибридните. За нив ќе треба да плаќаат 50% од данокот. Премиерот тврди дека со оваа уредба ќе се обнови возниот парк. Давачките за најскапите коли ќе достигнат и до 1.000 евра.

Од давачки се ослободуваат возилата за брза помош и погребални услуги. За колите, пак, што ќе се купат за такси превоз ќе следи поврат на данок од 25%, а за возилата со 8 и 9 седишта за потребите на фирмите ќе се враќа 80% од данокот. Возниот парк во земјава е стар меѓу 15 и 18 години. Анализите покажуваат дека 82 отсто од возилата во земјава се половни, а 18% нови. Само лани биле увезени 37 илјади стари коли, а истата динамика на увоз продолжила и годинава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста